Коалицијата ВРЕДИ во писмен одговор до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оцени дека неговото вчерашно писмо за службената употреба на албанскиот јазик претставува пропаганден памфлет чија цел е да создаде конфузија и да ги продлабочи поделбите меѓу граѓаните.
Од ВРЕДИ наведуваат дека ДУИ за време на своето владеење во 2008, 2011 и 2018 година усвоила три закони за албанскиот јазик без притоа да обезбеди негова целосна институционална рамноправност со македонскиот јазик, посочувајќи дека решението од 2019 година неговата примена ја направило доброволна, а не задолжителна.
Според коалицијата, поради таквите законски решенија албанскиот јазик денес не е службен во правосудството, Централниот регистар, комерцијалните банки и Народната банка, на полициските и армиските униформи, во медицинската документација, ниту кај адвокатите, нотарите и извршителите.
Во реакцијата се додава дека настојувањата на Ахмети да прикаже поинаква реалност служат за негови дневни политички интереси и се порачува дека ваквата иницијатива би била искрена само доколку започнела со самокритика и признание дека ниту еден од донесените закони целосно не го решил прашањето за службената употреба на албанскиот јазик.

