СДСМ бара утврдување кривична и политичка одговорност за случајот со Алта банка, обвинувајќи дека врвот на власта и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, имале улога во овозможувањето на влезот на српската Алта банка на македонскиот пазар.
Од партијата информираат дека поднеле интерпелација за работата на Славески, со која бараат Собранието, како орган што го избира гувернерот, да утврди политичка одговорност за постапката во која Алта банка Белград добила согласност за стекнување квалификувано учество во тогашната Стопанска банка Битола.
„Знаеме кој ѝ ја отвори вратата на Алта банка во Македонија, тоа се Мицкоски и Трајко Славески“, наведуваат од СДСМ, повикувајќи се на изјава на гувернерот дека се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски.
Од партијата поставуваат прашања за содржината на разговорите меѓу Мицкоски и Славески, како и за евентуалните насоки во врска со Алта банка и именувањето на Давор Мацура.
СДСМ соопштува дека поднеле и кривични пријави поврзани со случајот и повторно бараат Јавното обвинителство да отвори истрага. Од партијата сметаат дека е неопходно да се испитаат сите околности, особено имајќи ги предвид случувањата во Србија, каде што, според нивните наводи, се водат постапки поврзани со банката, нејзиниот сопственик и сомневања за финансиски трансакции во вредност од 380 милиони евра.
Од СДСМ предупредуваат дека секое одолговлекување на истрагата може да создаде простор за уништување докази и прикривање финансиски трансакции.
Дополнително, партијата бара истрагата да се прошири и на купувањето на осигурителното друштво од страна на Давор Мацура, со цел да се утврди од кои средства била реализирана трансакцијата, од кои сметки биле префрлени парите и дали било проверено нивното потекло.
„Време е за вистина, време е за правда, време е за одговорност за Алта банка“, порачуваат од СДСМ.

