Вработените во јавниот сектор во Грција денеска, 25 ноември, одржуваат 24-часовен штрајк во организација на синдикалната конфедерација АДЕДИ, при што кон протестите се приклучуваат и синдикати од приватниот сектор, просветни работници и вработени во сообраќајот, а најавени се и протестни собири во Атина, Солун, Патра, Лариса, Волос, Пиреја, Ираклион и Хања.
Поради учеството на Федерацијата на здруженијата на грчката служба за цивилно воздухопловство и Федерацијата на поморците, се очекуваат нарушувања во воздушниот, поморскиот и копнениот превоз, како и можни затворања улици и привремени блокади во централните делови на градовите.
Синдикатите бараат повисоки плати, склучување колективни договори, подобри работни услови, како и воведување седумчасовен работен ден и 35-часовна работна недела.
Во Атина метрото и трамваите ќе сообраќаат од 09:00 до 18:00 часот по локално време, додека надвор од тој период достапноста на линиите ќе биде ограничена, па на граѓаните кои денеска патуваат кон Грција или се движат низ земјата им се препорачува пред тргнување директно кај превозниците да го проверат статусот на летовите, бродските линии и останатиот превоз.

