Правните лица кои имаат сметки во „Алта банка“ АД Битола од денеска ќе можат без ограничување на износот да располагаат со новите приливи на своите сметки, доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги, информира Народната банка.
Со оваа мерка се проширува можноста за користење на сопствените средства на компаниите, кои отсега ќе можат во целост да располагаат со новопримените средства по овој основ.
Од Народната банка потсетуваат дека истата можност веќе важи и за физичките лица. Тие можат неограничено да ги користат новите приливи на своите сметки во „Алта банка“, доколку средствата се префрлени од сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги.
Ова се однесува на сите видови приливи, вклучително и плати, пензии и социјални трансфери, кога исплатите ги вршат институции или компании кои имаат сметки во други банки.
Клиентите немаат потреба да отвораат сметка во друга банка, бидејќи со новопримените средства можат целосно да располагаат преку електронско и мобилно банкарство, платежни картички или подигнување готовина на шалтерите на банката.
Во меѓувреме, продолжуваат со работа и филијалите на „Алта банка“ во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Во овие експозитури клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања, да плаќаат комунални сметки, да отплаќаат кредити и да вршат други банкарски трансакции.
Сепак, за користење на електронското и мобилното банкарство остануваат во сила досегашните ограничувања. Клиентите со платежни картички можат да располагаат со најмногу 15.000 денари неделно, додека за клиентите без платежни картички лимитот изнесува 20.000 денари во период од две недели. Ограничувањата се однесуваат збирно на сите сметки на клиентот и на сите канали за плаќање и повлекување средства.
Од Народната банка посочуваат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во „Алта банка“ и да преземаат мерки за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства и обезбедување непречено извршување на платежните услуги.

