Премиерот Христијан Мицкоски оствари средба со припадници на македонската заедница во Србија, по која порача дека Македонија останува нивен дом, без разлика каде живеат.
Во објава на Фејсбук, Мицкоски истакна дека македонскиот јазик, културата, традицијата и чувството на припадност се врската што ги поврзува Македонците со татковината, независно од државните граници.
„Македонија е и секогаш ќе биде дом за сите Македонци“, напиша премиерот.
Тој посочи дека обврска на државата е да ги негува и зајакнува врските со Македонците кои живеат надвор од земјата, да го поддржува зачувувањето на македонскиот идентитет и да гради мостови на пријателство и соработка со соседните држави.

