Во овчеполието ќе го шират биогасниот комплекс: Синовите на Кочо Анѓушев ја купија фармата Ерџелијa

Огнен и Ангел, синовите на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев купија едно од најпознатите приватни друштва од Свети Николе и Овчеполието, фармата Ерџелија, која во иднина ќе биде претворена во земјоделско-енергетски комбинат и припоена кон биогасната електрана во Сарамзалино, пренесува „Фактор“.

Огнен Анѓушев и Ангел Анѓушев, заедно со охриѓанецот Кирил Спасески, со чие семејство Кочо Анѓушев е во партнерски однос во инвестирањето во првата биогасна централа во Сарамзалино, од крајот на минатиот месец се нови сопственици на фармата, на местото на познатиот земјоделец Никола Петковски.

Од тимот кој го застапува Анѓушев во односите со јавност за Фактор изјавиле дека на земјиштето ќе продолжат инвестициите во примарната дејност, житни култури, но сега од нив ќе се прави погонско гориво во биогасната електрана, каде заедно со органскиот отпад ќе се прави електрична енергија од биогас.

„Сопственици на Ерџелија Полјоделство се 50 отсто Ангел и Огнен Анѓушеви и 50 отсто сопствениците на АСП-ПАК Охрид. Станува збор за земјоделска површина од 1.350 хектари, на која ќе се одгледува пченица, јачмен, ‘рж и пченка, за потребите на производство на силажа како гориво за биогасната електрана Сарамзалино, која произведува еколошка електрична енергија, а како нус продукти излегуваат хумус, органско ѓубриво и топла вода за оранжерии“, информираат оттаму.

Додаваат дека за потребите на биогасната електрана досега веќе се засејувале 1.200 хектари во Овчеполието, а со новите површини на Полјоделство Ерџелија бројката ќе се зголеми на вкупно 2600 хектари квалитетно плодно земјиште, што беше најавено минатиот ноември.

 

 

06.07.2024 - 11:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега