Славјанка Петровска: Медениот месец на власта ќе заврши со изборот на претседател на СДСМ

 

Внатрепартиската битка за избор на претседател на СДСМ е исклучтелно значаен момент за демократските политички процеси во Македонија. Во пресрет на изборниот конгрес, Прес24 прави интервју со четирите кандидати.

Прашањата се идентични со цел читателите да направат споредба на одговорите на кандидатите.

Славјанка Петровска, поранешна министерка за одбрана е кандидат за претседател на партијата која очекува да биде избрана, ако се биде фер во изборниот процес, за кој, во интервју за Прес24, вели дека добива загрижувачки информации.

-Многумина се плашат од мојата кандидатура, заради искрениот и чесен пристап да ги исправам неправдите кои му се нанесени на СДСМ и на членството. И заради таа моја искреност некои ме сметаат за наивна. Не сум воопшто наивна, само сум истрајна и упорна СДСМ да успее да илезе од маѓепсаниот круг, вели Славјанка Петровска во интервјуто за Прес24.

Смета дека периодот додека јавноста се занимава со внатрепартиските состојби во СДСМ е меден месец за власта, но тој ќе заврши со нејзиниот избор за претседател на партијата.

-Но, еве овој период до изборот на раководството на СДСМ нека им биде медениот месец. Потоа, со мене како претседател на СДСМ ќе го видат вистинскиот лик на опозициската СДСМ, вели Петровска.

И покрај дебаклот на изборите, Славјанка Петровска е уведена дека СДСМ е жив, како и социјалдемократијата во Македонија.

-СДСМ е поразен, но е жив, социјалдемократијата е жива но мора да застанеме на нозе и да победиме. Но прво треба да победиме внатре во партијата, во структурите, да ги победиме лошите навики и непринципиелните политики и коалиции. СДСМ мора да се врати кај социјалдемократите кои СДСМ ја гледаат како политичка партија, а не интерес, вели во интервју за Прес 24, Славјанка Петровска, кадидат за претседател на СДСМ

ПРЕС24: Четири кандидати претнедираат за претеседател на СДСМ. Прв пат влегувате во изборот за Претседател. Зошто?

ПЕТРОВСКА: Во СДСМ сум од 2000 година, од мои 18 години. И од тогаш без престан, без пауза, без стоење на страна и под сенка, сум социјалдемократ. Бев доследна на себе и на тоа во што верувам, иако можеби понекогаш не се сложував со одредени одлуки на раководствата, иако поекогаш бев разочарана од непринципиелните политки и дворски игри, но никогаш не отстапив СДСМ да биде силна политичка партија и обединител на сите вистински социјалдемократи во Северна Македонија.

СДСМ е поразен, но е жив, социјалдемократијата е жива но мора да застанеме на нозе и да победиме. Но прво треба да победиме внатре во партијата, во структурите, да ги победиме лошите навики и непринципиелните политики и коалиции. СДСМ мора да се врати кај социјалдемократите кои СДСМ ја гледаат како политичка партија, а не интерес. Затоа што СДСМ е партија, а не акционерско друштво па да тргуваме со интересите на партијата. Ова е најсилниот мотив за мојата кандидатура и затоа програмата ја насловив како Манифест за социјалдемократијата.

ПРЕС24: Изборниот резултат е исклучително тежок предизвик за идниот претседател на партијата. Што во моментов му треба на СДСМ, Претседател или Лидер?

ПЕТРОВСКА: На СДСМ му треба Претседател кој е подготвен да превземе одговорност да ја реформира и реорганизира партијата од организационен аспект, но уште поважно и од кадровски.

Претседател кој нема да биде под ничие влијание, а секое мислење ќе биде земено предвид и анализирано. На СДСМ му треба претседател кој е подготвен да се откаже од централизираната моќ и кој ќе биде столб на партијата и обединител. Претседателот на СДСМ мора да што знае што треба да се направи, но уште поважно да знае што не смее да се направи. На СДСМ му претстои тежок период, но ако веднаш не почнеме да се менуваме, тогаш ќе биде уште потешко.

Ако јас бидам избрана за претседател, времето ќе покаже дали сум лидер.

ПРЕС24: Ако Вие победите на партиските избори, како мислите да направите обединување, со оглед на тоа дека веќе е јасно оти во трката за прв човек на СДСМ барем медиумите читаат две крила. Едното на Заев преку Венко Филипче, а другото на актуелното раководство преку Вас?

ПЕТРОВСКА: Јас не сум кандидат ниту на актуелното, ниту на претходното раководство, напротив дел од нив и пратеничката група се во поддршка на другите кандидати. Но тоа мене не ме обесхрабрува. Всушност тоа ме разликува од останатите дека не сум ничија продлжена рака, туку сум своја.

Грешката што се направи во минатото кога на критиките на нашите сопартијци се молчеше и тие беа игнорирани, тргнати на страна, јас нема да ја повторам.

Ќе направам место за секој член на СДСМ кој сака да дејствува исклучиво во интерес на партијата, тоа е мојот повик за обединување.

Многумина се плашат од мојата кандидатура, заради искрениот и чесен пристап да ги исправам неправдите кои му се нанесени на СДСМ и на членството. И заради таа моја искреност некои ме сметаат за наивна. Не сум воопшто наивна, само сум истрајна и упорна СДСМ да успее да илезе одмаѓепсаниот круг.

ПРЕС24: Се чини дека власта ќе има прилична комотност следниве неколку години, со оглед на тоа дека тоа веројатно ќе биде период во кој ќе стане појасно дали СДСМ ќе се обединува, или ќе се раслојува. Ќе има ли време и енергија покрај во дворот, да се биде активен и полето на политичката битка во Собранието, но и надвор од него?

ПЕТРОВСКА: Ако јас сум претседател на СДСМ власта набрзо ќе почне да се препотува. Жалам што со внатрепартиски прашања го завземаме просторот во јавноста во кој треба да и се постават прашања на власта. Но, еве овој период до изборот на раководството на СДСМ нека им биде медениот месец. Потоа, со мене како претседател на СДСМ ќе го видат вистинскиот лик на опозициската СДСМ. Имам искуство во опозиција, многу повеќе отколку како власт и затоа знам што треба да направиме. Немам намера да седам во кабинетот на Бихаќка, ќе бидат во општинските, па дури и месни организации низ целата држава.

Не чека сериозна работа, реорганизирањето и реформата на партијата се клучни во овој период, но и реформата на кадровската политика.

ПРЕС24: Очекувате ли поддршка од пратеничката група, ако станете Претседател?

ПЕТРОВСКА: Убедена сум дека ќе ја имам поддршката, затоа што сум убедена во исправноста на политиките и принципите за кои се залагам, тие се вистински социјалдемократски и знам дека ги споделуваме со колегите од пратениката група. Сите тие се премногу искусни за да си дозволат луксуз на непринципиелен пркос.

ПРЕС24: Ако се анализираат причините за поразот, веројатно ги има многу. Но, сепак клучната е во поделбата на гласачкото тело. И тоа не е прв пат. Тоа е некаква карма што СДСМ ја прати веќе 30 години. Поразот 1998 е резултата на Тупурковски, кој собра доста членови и симпатизери на СДСМ. 2006 Тито Петковски. 2024 Максим Димитривески. Вие имате проблем со премногу демократско членство, или со непослушно членство?

ПЕТРОВСКА: Овој пат најголемиот проблем на СДСМ беше што не го слушаше гласот на членството, а членството зборуваше и на некој начин ги најавуваше поразите. И токму затоа преку реорганизацијата која ја предлагам моќта на одлучување се враќа кај членството.

ПРЕС24: За следен успех на СДСМ, покрај лидер неопходен е и тим. Со кого ќе раководи Славјанка Петровска?

ПЕТРОВСКА: Со тим кој ќе биде избран врз основа на критериуми, помината ветинг постапка и на предлог на членовите на СДСМ. СДСМ од редовите на СДСМ ќе го избере тимот. СДСМ не е акционерско друштво, туку политичка партија и така мора да се однесуме.

ПРЕС24: Кога зборуваме за тим, како стои СДСМ со млади кадри, но политички подготвени да бидат носители на процеси. Она што изминативе неколку години СДСМ го понуди како млади кадри, се покажа прилично лошо. Да не спомнуваме сега имиња со кои се поврзуваа серија корупциски скандали.

ПЕТРОВСКА: СДСМ никогаш немала недостаток на кадар. Поединци во раководствата на СДСМ не биле доволно отворени и не успеале да го видат тој потенцијал или пак го гледале но не им бил по мерка. И делумно и заради лошата кадровска политика се соочивме со лошите резултати на изборите. Но, сериозно мора да вложуваме во едукација на младите кадри и на партијата и недостасува сериозен партиски институционален облик на едукација на млади кадри, но и генерално програма за обука и подготовка на идни функционери. Па затоа и предлагам Академија за социјалдемократија.

ПРЕС24: Прв предизвик, Вам, или на следниот претседател кој и да е, ќе биде за нецела година. Локалните избори. Ќе бидат ли тие првиот неуспех на новото лице на СДСМ?

ПЕТРОВСКА: Прв сериозен предизвик на кој СДСМ треба да покаже дали сме ја научиле лекцијата од изгубените избори се внатрепартиските избори. Од оние информации кои стигнуваат до мене овие денови, за жал на чекор сме да ни се случи фијаско. Добивам пораки дека дел од општинските организации не биле отворени цело време и не овозожиле регистрација на сите членови кои сакаат да гласаат, личните податоци на членовите се злоупотребени од страна на двајца кандидати и се пријавувани членови кои веќе не се во СДСМ. Ова ме загрижува и за жал за некои од кандидатите овие избори не ги гледаат како одлучувачки за иднината на СДСМ, туку за својата иднина. Мојата намера е да му помогнам на СДСМ побрзо да застане на нозе, но се плашам дека во овој момент, под вакви околности и со нефер игра и непринципиелни коалиции штетата што ќе му ја нанесат на СДСМ ќе биде голема.

27.06.2024 - 21:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега