Мицкоски пред новинарите во Вашингтон, не ја употреби придавката „Северна“

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред новинарите, пред почетокот на главниот состанок на Самитот на НАТО во Вашингтон, ниту еднаш не ја употреби придавката „Северна“. Напротив повеќепати ги потенцираше термините македонска влада, македонски народ, македонски граѓани. Меѓудругото, во обраќањето  наведе дека како досега така и во иднина, како држава ќе го промовираме мирот и ќе си ги исполнуваме обврските како земја членка на НАТО.

„И ние ќе го дадеме својот придонес, Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и да ги промовира вредностите како македонска влада сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и македонските граѓани“, изјави Мицкоски.

Грчкиот премиер Мицотакис,  иако најавуваше, сепак во обраќањето пред медиумите, не го отвори прашањето со Македонија за исполнување на обврските од Преспанскиот договор. Ниту во неговата денешна агенда не е придвидена официјална средба со Мицкоски. Но во текот на денот, покрај состанокот на самитот на НАТО, ќе вечераат на иста маса, па уште еднаш може да се сретнат лице в лице со македонскиот премиер.

За разлика од Мицотакис, бугарскиот премиер Главчев, одговарајќи на новинарско прашање обелодени дека имал кратка средба со Мицкоски. Траела три минути. Со ставовите биле на иста бранова должина. Кажа дека се согласиле дека е неопходно намалување на напнатоста меѓу Македонците и Бугарите, па и почитување на договорот за добрососедство, потпишан во 2017тата година.

Главен состанок на Самитот на НАТО

Состанокот на Самитот на НАТО се уште трае, но агендата којашто е достапна за медиумите наведува дека е предвидено истиот да заврши околу 22.30 часот вечерва. Веднаш потоа е најавена прес конференција на Столтенберг, на која е предвидено да ги сподели заклучоците.

Веќе е познато дека фокусот на главниот состанок е состојбата во Украина, за тоа како Алијансата ќе продолжи да ја поддржува финансиски и воено, во однос на војната со Русија.

По прес-конференцијата на Столтенберт, во 20 часот по американско време, се очекува одржување на „социјални вечери“ во Вашинтон.

 Џо Бајден и првата дама на САД, ќе бидат домаќини на вечерата на која ќе присуствуваат светските лидери, државниот секретар на САД, Блинкен ќе биде во друштво со шефовите на дипоматијата. Од кај нас Муцунски ќе седне рамо до рамо со своите  колеги од Алијансата, додека пак Мисајловски, македонскиот министер за одбрана ќе вечера со колегите од НАТО.

Утре завршува Самитот на НАТО во Вашинтон

Утре е третиот и последен ден од овој НАТО самит, каде светските лидери се собрани за да ја одбележат 75-годишнината од постоењето на Алијансата. Формирана во 1949 година, после Втората светска војна со состав од 12 земји. Денес брои 32 членки. Македонија со статусот се здоби во 2020 година. Лани Финска се приклучи на Алијансата, а годинава Шведска се здоби со статусот полноправна членка. Дали и каква временска рамка ќе биде утврдена за приклучувањето на Украина кон Алијансата, ќе се знае по завршување на главниот состанок на САМИТОТ на НАТО, во Вашингтон.

Македонската делегација по Самитот, заминува во Њујорк

Владината делегација предводена од Мицкоски, по завршувањето на овој Самит не се враќа во државата. Како што е најавено, ќе се упатат во Њујорк. Таму е предвидено да се одржат средби со претставници на македонската дијаспора. Според најавите, Македонците ќе си кажат кои проблеми ги мачат, а премиерот ќе ги презентира и можностите за инвестиции во нашата држава.

10.07.2024 - 21:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега