Феро Инвест и БРАКО се вклучија во чистење на велешкото езеро Младост

По допрен глас од медиумите до сопствениците на БРАКО и ФЕРО ИНВЕСТ/ЦЕНТРАЛ ИНВЕСТ, кои имаат сопственост и во биогасната електрана Биоентерпрајз во Сарамзалино, општина Лозово, истите испратија цистерна за собирање на штетната материја која се наоѓа на површината на велешкото езеро Младост и нејзино пренесување во биогасната електрана за таму да се истури во т.н. дигестор на електраната каде се собира органски отпад, измет и силажа, а од кои материи во биотехнолошки процес понатаму се издвојува биогас.

 

,,Нашите инженери во биогасната електрана Биоентерпрајз во Сарамзалино утврдија дека штетната материја која го загадува велешко езеро може да биде употребена во процесот на производство на биогас. Но, не можеме веднаш и цела материја да ја собереме и употребиме, бидејќи таа е веќе полна со бактерии, врие и е активна, и не смее одеднаш да се стави преголема количина во системот на електраната бидејќи ќе направи проблем. Мораме да ја почитуваме технологија на производство на биогасот и соодносот на материи, кои мора да бидат дозирани за да биде производството безбедно, бидејќи станува збор за производство и насобирање гас кој гори“, појаснуваат од групацијата Феро Инвест.

„Ова наше вклучување во чистењето на Велешко езеро, кое е значајно оддалечено од биогасната електрана, за нас претставува општествена одговорност. Ние собираме отпад од блиските фарми околу електраната, бидејќи не е исплатливо да се носи суровина од подалеку, но превозот и сите издатоци за оваа акција за нас претставуваат помош за Велес, за граѓаните и за заштита на околината и водата во езерото, а ние и понатаму ќе продолжиме да помагаме”-велат од прес службата на компанијата ФЕРО ИНВЕСТ, во сопственост на Кочо Анѓушев.

Треба и да се знае дека откако ваквите материи ќе поминат низ технолошкиот процес во биогасната електрана и производството на електрична енергија, на крај како нус продукт излегува земјоделско ѓубриво и хумус, така што штетната материја која денес го загадува езерото ќе биде неутрализирана во еден затворен процес со нула отпад. Овој пример најдобро го покажува значењето на биогасните електрани во една економија, како производители на чиста електрична енергија и чистачи на отпадот, и се класичен пример на циркуларна економија.

28.07.2024 - 13:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега