Жителите на мексиканската сојузна држава Долна Калифорнија Југ се подготвуваат за пристигнувањето на ураганот Поло на полуостровот, кој се заканува со силни ветрови, поплави и одрони, а и понатаму би можен на делови од Хаваи да им донесе обилни врнежи, пренесе денес АП.
Поло во понеделник наутро беше бура од трета категорија со максимална брзина на ветерот од 185 километри на час, соопшти американскиот Национален центар за урагани со седиште во Мајами. Метеоролозите наведоа дека бурата ќе го погоди копнениот дел на Мексико откако ќе ја зафати Долна Калифорнија Југ со обилни врнежи, како и дека наскоро се очекуваат ветрови опасни по живот и поројни поплави. Подоцна во текот на неделата, бурата би можела да донесе обилни врнежи и поплави во делови од југозападот на САД.
Националната координаторка на мексиканската Агенција за цивилна заштита, Лаура Веласкез, изјави дека Поло ќе стигне до копното подоцна во текот на попладнето, при што упати апел:
– Жителите да не излегуваат на улиците и да побараат засолниште доколку нивните домови се загрозени.
Мексиканската морнарица соопшти дека собрала луѓе и подготвила хуманитарна помош во пристаништата Гвајмас и Мазатлан на пацифичкиот брег, и ангажирала три пловила подготвени да допремаат помош до крајбрежните заедници кои се отсечени поради бурата. Во меѓувреме, жителите на Хаваи сè уште се опоравуваат од претходниот ураган Лала, кој сруши околу 100 куќи од нивните темели на Големото Острово.


