Денеска нова пресметка на цените на горивата – а најголемиот притисок повторно е кај дизелот. Регулаторната комисија за енергетика треба да ги утврди максималните малопродажни цени што ќе важат во следните седум дена.
Во моментов литар ЕУРОДИЗЕЛ се продава по максимална цена од 104,50 денари, ЕУРОСУПЕР 95 чини 99, а бензинот од 98 октани 101 денар. Овие цени важат од 22 септември.
Според методологијата, Регулаторната комисија секој понеделник ја прави пресметката врз основа на просечната берзанска цена на секој дериват во изминатите седум дена, објавена во „Платс Европиан маркетскен“. Во формулата влегуваат и курсот на денарот кон доларот, премијата и транспортните трошоци, трговската маржа, акцизата и другите давачки, а на крајот и ДДВ.
Токму берзанската компонента во моментов не оди во прилог на поевтин дизел. Светскиот пазар се соочува со сериозен недостиг на ова гориво, а европските цени на дизелот во текот на годинава повеќе од двојно се зголемиле. Според Ројтерс, нарушеното снабдување од Блискиот Исток и Русија ги турна цените на дизелот на рекордни нивоа.
Но денешната цена нема да зависи само од берзата.
На полноќ истекува и владината мерка со која ДДВ за горивата беше намален од 18 на 10 проценти. Повластената стапка се применува од 15 до 28 септември, а до овој момент нема официјално објавена одлука дали мерката ќе биде продолжена.
Токму оваа одлука може значително да ја промени конечната цена. Само математички, ако сегашната цена на дизелот од 104,50 денари се пресмета со ДДВ од 18 наместо 10 проценти, без да се менува ниту една друга ставка, ефектот би бил повеќе од седум денари за литар. Но тоа не значи дека дизелот автоматски ќе поскапи толку – бидејќи денеска повторно ќе се пресметуваат и берзанската цена и останатите елементи од формулата.
Затоа во моментов постојат две клучни непознати – колкав раст ќе покаже седумдневниот берзански просек за дизелот и дали Владата ќе го продолжи намаленото ДДВ.


