Премиерот Христијан Мицкоски, во интервјуто во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, порача дека во односите со европските партнери треба да се постапува рационално и без емоции.

Тој посочи дека дел од условите со кои денес се соочува земјава биле прифатени и потпишани од претходна влада.

„Да бидеме реални, настрана чувствата и емоциите. Ова е сериозен свет и треба да видиме што вели разумот. Не можам да се согласам кога велиме „нелогични барања“, бидејќи некоја претходна македонска влада тие барања ги прифатила и ставила потпис на договор“, рече Мицкоски.

Според него, актуелната Влада се обидува да го придвижи процесот на евроинтеграции, иако, како што оцени, станува збор за сложен процес во кој Македонија се соочува со посилни преговарачки позиции од другата страна.

„Ние мораме да се бориме. Она што е погрешено, чекор по чекор да го враќаме. Задачата на оваа генерација е да направи чекор-два, со тоа што ќе поврати дел од она што претходната генерација го заборавила, односно го продала“, нагласи премиерот.

Мицкоски додаде дека процесот ќе трае и дека секоја генерација треба да придонесе со свои чекори.

Тој порача и дека граѓаните не треба да ги обвинуваат европските партнери за условите, бидејќи, како што рече, од Брисел укажуваат дека дел од обврските веќе биле прифатени од македонската страна.

Exit mobile version