Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ „Ревитализација на хидроелектраните – фаза 3“, со кој започнува новата фаза од модернизацијата на хидроенергетските капацитети во земјава.

Мицкоски истакна дека проектот ќе овозможи модернизација на значаен дел од производствените капацитети на АД ЕСМ, особено хидроелектраните, што, според него, ќе придонесе за зголемување на производството на електрична енергија и на уделот на обновливите извори во производното портфолио.

„Со модернизацијата ќе се зголеми произведената количина електрична енергија, а со тоа и производното портфолио на АД ЕСМ во делот на обновливата енергија“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека за третата фаза од рехабилитацијата се разговарало уште во периодот кога бил директор на АД ЕЛЕМ, но дека во меѓувреме немало напредок во реализацијата.

Проектот се финансира со комбинација од грант и поволен кредит, а Мицкоски очекува ваквите инвестиции да продолжат и во иднина.

Премиерот посочи дека Владата се стреми кон постигнување нето-нула разлика меѓу произведената и потрошената електрична енергија.

„Веќе неколку месеци се движиме над или околу 95 проценти, што значи дека полека, но сигурно се ближиме кон целта – да бидеме нето-нула на крајот од годината“, додаде Мицкоски.

Exit mobile version