Смртта на 32-годишната Марта Марија Охриско, која речиси една година се води како трагична несреќа по пад од карпа во Италија, доби целосно нов тек откако дополнителната истрага и обдукцијата доведоа до сериозно обвинение против нејзиниот партнер, 41-годишниот Илија Батраков.
Телото на жената било пронајдено во провалија во јули 2024 година, во непосредна близина на камп-приколката во која живеела заедно со Батраков. Според досегашните сознанија од истрагата, при падот таа го скршила зглобот и успеала да испрати порака до партнерот бајќи му помош.
Истражителите тврдат дека Батраков се појавил на местото дури неколку часа подоцна, но наместо да ѝ помогне, ја нападнал и ја задушил. Веднаш утредента тој го пријавил нејзиното исчезнување, при што се обидел да ги избрише сите пораки и повици од нејзиниот телефон.
Клучен доказ во расветлувањето на случајот беа резултатите од обдукцијата. Во респираторниот тракт на жртвата биле пронајдени остатоци од земја и растителен материјал, што било од суштинско значење за реконструкцијата на вистинските околности под кои настапила смртта.
Според наводите од обвинението, жената и претходно била изложена на постојано физичко и психичко насилство. Девет месеци по нејзината смрт, Батраков е официјално обвинет за злоставување и намерно убиство со отежнувачки околности, додека судскиот процес е во тек.


