Заштита на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Курбиново

Стручни екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Битола во изминатиот период извршија геотехнички и физичко-механички истражувања за конструктивна консолидација на црквата „Св. Ѓорѓија“ во преспанското село Курбиново, соопшти Министерството за култура. 

Паралелно со истражувачките работи на конструктивниот систем, реализирани се и истражувачки работи на ѕидното сликарство, со цел да се утврдат техниката на сликање, видовите и распространетоста на оштетувањата, како и нивните причинители.

- Направени се и дополнителни физичко-хемиски анализи на живописот од горните зони во црквата. Во изминатиот период беше изготвен и проект за конзервација на фрескоживописот, како и проект за изработка на привремен заштитен покрив врз градбата, информира Министерството за култура.

По изведбата на заштитниот покрив, екипите ќе продолжат со истражувачките работи на архитектурата и на покривните елементи, а акцент ќе биде ставен врз утврдувањето на првичните висински коти на овој храм. Со тоа ќе завршат археолошките истражувања и ќе се заокружат истражувачките работи на архитектурата и на покривот.

- По заокружувањето на истражувачките работи и изготвувањето на проектната документација, ќе се пристапи кон непосредни конзерваторско-реставраторски работи на фрескоживописот за што ќе бидат применети современи техники и методи. Со претстојните конзерваторско-реставраторски активности, црквата „Св.Ѓорѓија“ во Курбиново ќе биде целосно заштитена и во внатрешниот и во надворешниот дел, соопшти Министерството за култура. 

Црквата „Св. Ѓорѓија“ е меѓу врвните остварувања на источнохристијанската култура и уште од 1952 година е прогласена за споменик на културата.

 

 

Оцени ја веста

09.03.2015 - 11:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега