Над 90 луѓе се уапсени во Србија во изминатите две недели, по одржувањето на предвремените парламентарни избори и поразот на владејачката СНС, на Александар Вучиќ. Меѓу приведените има високи полициски фунцкионери, јавни службеници и бизнисмени.
Ова според професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, е почеток на деполитизација на институциите. Тој во изјава за РТС вели дека до неодамна било незамисливо врховниот обвинител јавно да се огласи, а обвинителството самостојно да си ја врши работата.
Меѓу приведените се началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секулиќ, и командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ. Уапсени се и 17 полицајци.
На списокот се наоѓа и сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, како и покраинскиот секретар за социјална политика, Предраг Вулетиќ. Приведени се и директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, управникот на затворот „Забела“, Родољуб Рончевиќ, и градоначалникот на Инѓија, Марко Гашиќ.
Илиќ потсетува дека судовите и обвинителствата и досега имале исти законски овластувања, но проблемот бил во тоа дали предметите навистина ќе се процесуираат или ќе останат заборавени во фиока.
„Во самите институции, структурите што досега беа ставени во втор план ја користат можноста да дојдат до израз. Но, суштински важно е дека нешто се движи. Работите се движат во позитивна насока. Тоа не значи дека некој е прогласен за виновен само затоа што е уапсен. Претпоставката на невиност важи и за нив“, вели Илиќ.

