Под мотото „Рана акција за дијабетес“, денеска во Клиниката за ендокринологија во Скопје ќе се одржи прес-конференција по повод 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот. На настанот е најавено присуство и на министерот за здравство Сашо Клековски.
Фокусот на годинешното одбележување е ставен на превенцијата и навременото откривање на болеста, како и на потребата од поголема информираност и ангажираност на здравствениот систем на сите нивоа.
Податоците од Националниот регистар за дијабетес за 2025 година, објавени од Институтот за јавно здравје, покажуваат дека во земјава се евидентирани 141.891 лице со дијабетес мелитус. Од нив, 78.663 се жени, а 63.228 се мажи. Најголемиот дел, односно 95,09 проценти од регистрираните пациенти, имаат дијабетес тип 2.
Состојбата е загрижувачка и на глобално ниво. Според најновите процени на Меѓународната федерација за дијабетес, речиси 589 милиони возрасни лица на возраст од 20 до 79 години живеат со оваа болест, што претставува 11,1 процент од светската популација во оваа возрасна група.
Особено загрижува фактот што околу 252 милиони луѓе, односно 43 проценти од заболените, не се свесни дека имаат дијабетес. Процените укажуваат дека до 2050 година бројот на возрасни лица со оваа болест би можел да достигне 852,5 милиони.
Дијабетес мелитус е хронично метаболно заболување кое претставува сериозен јавно-здравствен предизвик. Се поврзува со зголемен ризик од бројни компликации, меѓу кои се слепило, терминална бубрежна болест, нетрауматски ампутации и кардиоваскуларни заболувања кои можат да доведат и до смрт.
Токму затоа, раното откривање, навременото лекување и превентивните мерки имаат клучна улога во намалувањето на ризикот од компликации и подобрувањето на квалитетот на животот на лицата со дијабетес.

