Најмладите скопјани денеска ќе го одбележат Денот на ослободувањето на градот преку креативна работилница во рамки на традиционалната манифестација „Го градам мојот град“.
Настанот, во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, ќе започне во 10 часот во просториите на установата, а во него ќе учествуваат деца од предучилишните установи во Скопје.
Преку изработка на макети, малите учесници ќе имаат можност да ги претстават познатите објекти и обележја на главниот град. За своите креации ќе користат различни природни и други материјали, при што секое дете самостојно ќе избира што ќе изработи.
Целта на манифестацијата е да се поттикнат детската креативност и творештво, но и уште од најрана возраст да се развиваат љубовта кон Скопје, интересот за неговото историско и културно наследство и свеста за неговото зачувување.
Настанот се организира по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

