Скопје денеска одбележува 82 години од ослободувањето од фашистичката окупација, настан што се случил на 13 ноември 1944 година, по неколкудневни жестоки борби за ослободување на градот.
По повод празникот, во текот на денот ќе биде положено цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, како и на гробот на генералот Михајло Апостолски, во Алејата на заслужните граѓани. Цвеќе ќе биде положено и пред споменикот на Ослободителите на Скопје, пред зградата на Владата.
Од Град Скопје информираат дека централниот дел од одбележувањето ќе продолжи вечерва во Македонската опера и балет, каде што ќе се одржи свеченото доделување на наградата „13 Ноември“.
Скопје било ослободено на 13 ноември 1944 година, со учество на 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада. По повеќедневни борби, борците влегле во градот и ја завршиле фашистичката окупација.
Судирите се воделе на повеќе значајни локации, меѓу кои улицата „Илинденска“, Главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и Старата железничка станица. Во текот на ослободителните операции биле преземени активности и за заштита на хидроцентралата „Матка“ од уништување, како и за спречување на минирањето на Камениот мост, во што учествувале и граѓани.
Во борбите за ослободување на градот животот го загубиле повеќе од 420 борци, додека вкупно околу 4.600 скопјани загинале во текот на Втората светска војна.

