Мицкоски: Телеком, A1, Цементарница и ЕВН ќе плаќаат поголем данок во Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска пред новинарите рече дека македонските компании зад кои стојат големи странски корпорации со воведувањето на глобалниот корпоративен данок, повеќе нема да плаќаат дел од данокот во странство, туку целиот износ од 15 отсто, наместо како до сега од 10 проценти, ќе го уплаќаат во Македонија.
Станува збор за компании кои имаат приходи поголеми од 750 милиони евра во странство, поголеми од 10 милиони евра во земјата и добивка поголема од 1 милион евра кај нас.
- Таква една компанија можеме да кажеме дека е Телеком, А1 Македонија, Цементарница, ЕВН итн. Тие мора да платат 15 проценти данок. Нашиот данок во македонскиот даночен систем овде кај нас е рамен од 10 проценти. Но дополнителни 5 проценти нема повеќе да уплаќаат во матичните држави. Тоа не е фер. Ако профитираат од македонските граѓани, тогаш треба тие 15 проценти да ги плаќаат тука, рече Мицкоски.
Премиерот рече дека усогласувањето ќе заврши до крајот на годината и дека таквиот тип на компании веќе се известени за новиот начин на плаќање данок, за што тие немале забелешки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа