Се испитува реката Кумановка по алармирање за загадување со црвеникава течност

 


Земени се мостри за испитување од реката Кумановка во близина на месноста Проевце, резултатите се очекуваат да пристигнат утре и да ја покажат причината за евентуалното загадување на реката, соопштија денеска од секторот за инспекциски надзор од општината.

Граѓаните веќе извесен период алармираат дека во водата истекува непозната материја во црвеникава боја од див испуст. Реагираа и од партијата Левица сè уште нема институционална реакција за труењето на реката и нагласуваат дека извесен период канализациска и хемиски загадена вода се излева во реката преку див испуст, а институциите задолжени за заштита на животната средина сè уште не покажуваат никакво дејствување.

- За Левица е скандалозно што Државниот инспекторат за животна средина, како и инспекторатот за водостопанство, досега не излегоа ниту со информација, ниту со најавени мерки – и покрај тоа што јавноста со слики и снимки алармираше за загадувањето. Наместо итна интервенција и отстранување на изворот на загадувањето, добиваме само административна тишина. Иако постојат ангажирани инспектори и служби со конкретни надлежности, очигледно е дека тие или не се појавиле на терен, или намерно замижале пред проблемот. Ваквото непостапување отвора сериозни сомнежи за институционална немарност, па дури и за соучесништво со загадувачите. Наместо да бидат сервис на граѓаните и чувари на природните ресурси, инспекторатите стануваат симбол на институционален распад и партизација, велат од Левица.

Тие побараа да се утврди одговорност, да се поведат дисциплински и кривични постапки.

10.04.2025 - 14:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега