Владата и ССМ ја смирија топката за минималната плата
Прашањето за зголемување на минималната плата повторно се актуелизираше откако синдикалните претставници вчера беа повикани на состанок во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
Владата останува на ставот дека ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите што ќе биде постигнат во рамки на економско-социјалниот дијалог, а останаа и спротивставените барања и ставови на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Повторен е и ставот дека нема можности за субвенцонирање на платата која ССМ бара да биде 30.000 денари, а за која КСС смета дека ќе опфати мал дел од вработените. Најавено е дека за една недела ќе се утврди репрезентативноста на синдикатот и ќе почне со работа Економско-социјалниот совет, како и дека ќе има ревидирање на одредни членови во Општиот колективен договор за јавниот сектор.
По последното усогласување на минималната плата со нето износ од 1800 денари согласно законските одредби, што стапи во сила од почетокот на месецов, и реакцијата на ССМ за едностраност во одлучувањето од страна на Владата без консултација со синдикатите, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов по вчерашниот состанок оцени дека има волја за наоѓање решение за прашањата за стандардот на работниците. Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски пак го оквалифкува барањаето на ССМ за 30.000 денари минимална плата како популизам бидејќи со него ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.
– Работниците во Македонија немаат толку голем проблем со Владата, колку што имаат со останатите синдикати. Единствено Сојузот на синдикати на Македонија денеска ги истакна барањата на работниците, вклучително растот на минималната плата, растот на сите останати плати, како и почитувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор и потребата од зголемување на платите во јавниот сектор за 12,6 проценти. Владата во овој момент не е против зголемувањето на минималната плата, а се разбира дека разговаравме и за зголемување на платите во останатиот сектор, особено за министерствата за кои ССМ и Синдикатот на УПОЗ веќе неколку недели преговарат со Владата, односно она што го бараат работниците додаток на плата за 30 проценти, изјави Трендафилов.
Истакна дека следниот период сите вработени во јавниот сектор треба да добијат зголемување на нивните плати, но, како што рече, другите два синдиката бараат укинување на одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот сектор.
– Сакаме да упатиме порака дека следниот период сите вработени во јавниот сектор, 128 илјади на број треба да добијат зголемување на нивните плати, меѓутоа она што е лошо е тоа дека другите два синдикати кои што учествуваа на состанокот бараат да се укинат одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот сектор или да се стави општиот колективен договор ад акта што ќе каже дека ќе нема примена во ниту една одредба. ССМ како потписник смета дека општиот колективен договор треба да се применува и во наредниот период, а со Владата како потписник од другата страна стоиме на располагање да седнеме да разговараме за сите спорни прашања, рече Трендафилов.
Ралповски, пак, укажа дека со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.
– Нашето прашање до другите синдикати беше дека со покачување на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени 70.000 или 80.000 вработени од 700.000 вработени во државата. Го прашавме претседателот дали се спремни на почитување на Законот на минимална плата имаме колективни договори на ниво на гранка и дали се спремни сето тоа да го субвенционираат и дали можат да го издржат сето тоа, затоа што ние и во минатото и сега бараме само почитување на законите и колективните договори. Она што ССМ го бара е популизам, изјави Ралповски.
На состанокот бил повторен и ставот на Владата дека не е спремна да ги субвенционира платите. – Владата изјави, на чело со премиерот, дека не се спремни да ги субвенционираат платите, затоа што имаат законска обврска сите плати во јавниот сектор потоа да се покачат, дека немаат толкаво предивдено покачување во буџетот, тоа ќе биде огромен товар и дека ќе имаат проблеми со меѓународните фактори кои што се кредитори на оваа земја. Но, останува прашањето отворено доколку е подобра економската состојба во наредниот период да седнеме и да разговараме со нив, изјави Ралповски.
КСС во 2023 година не се согласи со одредбите во Општиот колективен договор во делот за покачувањето на платите. - Во 2024 година се пропишуваше 0,7 покачување на платите во јавниот сектор. Низ гранските синдикати се изборивме за поголеми покачувања во јавниот сектор и многу поголеми од минималната плата, рече Ралповски.
Според претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деановски, на состанокот премиерот Мицкоски соопштил дека Владата е подготвена до средината на следниот месец да бидат потпишани колективните договори со кои ќе се овозможи етапна исплата на додаток на плата од 30 проценти за вработените во државната управа, освен правосудството. Синдикатот на УПОЗ во јануари одржа неколку протести барајќи зголемување за 30 проценти на додатокот на плати во органите на државната управа, а по ставањето на протестите во мирување, како што соопшти Деановски, биле одржани пет средби и е постигнат договор.
- Ние бевме договорени, договоривме тие 30 проценти додатоци на плата да ги добиеме на неколку рати, ако можам така да кажам, во рок од четири години. А покрај тоа, потенцирам, додаток на плата, не покачување на плата, сите вработени во овие институции кои протестираа, секој март да си добиваат усогласување на плата, дали ќе биде тоа со пораст на просечната, дали ќе биде пораст со минималната плата. Денеска премиерот не извести дека Владата е спремна до почетокот или средината на мај колективните договори да бидат потпишани, што ќе значи дека секое министерство, секој орган на државна управа кој нема потпишано колективен договор ќе потпише и на тој начин ќе бидат добиени тие додатоци на плата што ги баравме со протестите во јануари. За жал, ќе потпишат и некои други синдикати што никој не знае како се викаат но ние сме тука за работиците, мило ми е што премиерот не слушна што веќе договоривме одредена динамика на работите и што работниците во државната управа односно административните службеници конечно ќе почнат да се одлепуваат од минималната плата, изјави Деаноски по средбата.
Од Владата по состанокот со синикатите го повторија ставот за минималата плата и посочија дека се разговарало и за колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
- Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог, соопшти Владата истакнувајќи дека останува партнер на работниците и работодавачите и подготвена е на дијалог во секој момент кога тоа ќе биде побарано од страна на страните во процесот.
Заменик-министерот за економија Марјан Ристески, синоќа во телевизиско гостување за исходот од средбата со синдикатите, најави дека најдоцна за една недела ќе биде утврдена синдикалната репрезентативност, ќе почне да работи Економско-социјалниот совет и ќе има ревидирање на членови на Општиот колективен договор (ОКД) за јавниот сектор.
- Ние сакаме да направиме еден општ консензус со синдикатите и тие рекоа дајте ни време да размислиме, па така, овие денови очекуваме дали ќе има ревидирање во одредени членови за разлика од она општо размислување дека со потпишувањето на општ колективен договор би се средиле одредени плати, пред се, во јавната администрација, рече Ристески.
Со ревидирање на ОКД и со законот за плати во јавна администрација што се подготвува, појасни дека треба да се добијат квалитетни и конкретни решенија за нивелирање на платите, како што рече, за да не се прави неправда кон вработени во јавната администрација и исплата на помали плати за 30 проценти.
Владата на седница на 23 март усвои информација за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2.685 денари во бруто износ, односно 1.812 денари во нето износ, а премиерот Мицкоски најави дека доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.
Во знак на протест, раководството на ССМ на почетокот на месецов на собир пред Владата и Собранието побара повлекување на одлуката за зголемување на минималната плата за 1.800 денари, а намалување на платите на избраните и именуваните лица на ниво на минимална плата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа