ФЗОМ: Историско зголемување на капитациониот бод за матичните лекари

 

Во просториите на Владата се одржа панел-дискусија по повод историското зголемување на капитациониот бод во примарната здравствена заштита, што ги опфаќа матичните лекари од областа на општата медицина, гинекологијата и општата стоматологија, информира Фондот за здравствено осигурување.

На дискусијата учествуваа директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПРЛМ), Лилија Чолакова-Дервишова, Ирена Алексиоска-Папестиев, директорка на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, како и Лоран Страшевски, матичен стоматолог.

Директорот Клековски потенцираше дека со ова значајно зголемување на капитациониот бод се опфатени над 2.000 склучени договори, од кои околу 200 се со матични гинеколози, додека најголем дел се однесуваат на матични лекари по општа медицина и општа стоматологија. Вкупно се опфатени над 2.500 матични лекари.


„Во изминатата деценија бележиме стагнација и намалување на бројот на матични лекари – само во 2024 година има 30 помалку во однос на 2023. Со оваа мерка интервенираме поради две суштински причини: да го запреме падот на бројот на матични лекари и да го подобриме квалитетот на услугите во примарното здравство. Охрабрени сме и од препораките на СЗО дека државaта одвојува значителни средства за болничко лекување, додека инвестициите во превентивата се недоволни“, истакна Клековски.

Проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестијев го нагласи значењето на оваа инвестиција, која ќе овозможи поголема мотивација и ангажман на матичните гинеколози во спроведувањето на скрининг-програми за рана детекција на гинеколошки заболувања. „Со оваа мерка се постигнува долгорочна заштеда за државата, преку намалување на трошоците за третман на пациенти на терцијарно ниво“, истакна таа.

Претседателката на ЗПРЛМ, д-р Лилија Чолакова-Дервишова, изрази задоволство од зголемувањето на капитациониот бод од свое име и од име на сите матични лекари. Таа посебно ја истакна важноста на оваа стимулација за лекарите што работат во руралните средини, каде условите се значително потешки. Исто така, ја потенцираше одличната и континуирана соработка со Фондот за здравствено осигурување при решавање на сите прашања поврзани со работата на матичните лекари.

Матичниот стоматолог, Лоран Страшевски, зборуваше за позитивните ефекти што оваа мерка ќе ги има врз стоматолошката практика. „Зголемувањето на капитациониот бод ќе придонесе за задржување на младите стоматолози во земјава и ќе го намали ризикот од затворање на стоматолошки ординации. Оваа стимулација ќе овозможи модернизација на ординациите преку набавка на современа апаратура и стоматолошки материјали“, нагласи Страшевски.

10.04.2025 - 14:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега