Германија ќе го преполови бројот на работни визи за Западен Балкан, меѓу кои и Македонија

 


Германија ќе го преполови бројот на имигранти од Западен Балкан, според коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада.

„Редовната миграција во Германија во рамки на таканареченото Правило за Западен Балкан ќе биде ограничена на 25.000 луѓе годишно“, се вели во коалицискиот договор што Унијата ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го претставија денеска во Берлин.

Правилото со кое им се дозволува на работниците од Западен Балкан да имигрираат за работни цели беше воведено на почетокот на 2016 година, откако земјите од регионот беа прогласени за безбедни земји, со што практично беше исклучено стекнувањето на правата на азил во Германија за граѓаните на тие земји.

Ова правило имаше за цел да им овозможи на оние лица кои ќе најдат работа во Германија да имигрираат во Германија на редовна основа. За разлика од другите правила за трудови имигранти кои не доаѓаат од некоја од земјите на Европската унија, имиграцијата според Правилото за Западен Балкан не бара квалификации, туку само договор за вработување со работодавач во Германија.

Последната социјалдемократско-зелено-либерална влада ја удвои квотата според ова правило на 50.000 работни дозволи годишно пред помалку од една година. На крајот на минатата година, во Германија се регистрирани 79.500 лица врз основа на имиграција според правилата за Западен Балкан. Најголем број се од Косово, а потоа следат граѓаните на Босна и Херцеговина.

Граѓаните на шест земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија) исто така можат легално да имигрираат во Германија преку други програми за имиграција на квалификувана работна сила. Најголем проблем при издавањето на работните визи беше ограничениот капацитет на германските конзуларни претставништва, каде во почетната фаза се чекаше за термин повеќе од една година.

10.04.2025 - 15:12

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега