Повеќе контејнери биле запалени синоќа во скопската населба Ново Лисиче и на булеварот „Македонско-косовска бригада“, по што градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, побара итна реакција и одговорност од Министерството за внатрешни работи.
Во својата објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски оценува дека станува збор за намерно уништување на заедничкиот имот во период кога се решава проблемот со сметот:
„Скопје нема да биде заложник на вандали, барам итна реакција од МВР! Вечерва, запалени се повеќе контејнери во Ново Лисиче и на булеварот „Македонско-косовска бригада“. Во услови кога набавивме 3.300 нови контејнери и го решивме проблемот со сметот, очигледно дека на некој не му одговара чисто Скопје и развојот на градот. Ова е удар врз сите скопјани и врз заедничкиот имот, платен со нивни пари. А ако со ова некој мисли дека мене лично ми прави штета, се лаже! Прави штета на градот, овие контејнери се купени со парите на скопјани!“
Тој побара од полицијата да ги прегледа камерите од системот „Safe City“ за да се утврди дали инцидентите имаат политичка заднина, најавувајќи и зголемен видео-надзор низ главниот град:
„Го повикувам МВР веднаш да ги провери снимките од „Safe City“, да ги пронајде сторителите и да испита дали палењата се организирани и политички мотивирани. Барам одговорност! Наскоро го завршуваме поставувањето на 200 градски камери за посилен надзор и откривање на ваквите појави и за кои апсолутно нема да има никаква толеранција! Чувајте го Скопје и пријавувајте вандализам. Нема да дозволиме некој да си поигрува со градот! Со законите нема поигрување!“

