Две пратки со вкупно 12.268 килограми млечни и прехранбени производи од македонската компанија АД „Млекара Тетово“ се запрени на граничниот премин Генерал Јанковиќ, откако косовската Агенција за храна и ветеринарство донесе одлука за забрана на увозот и нивно враќање, јавува Радио Ким.
Станува збор за прехранбени кремови со растителни масти и производи од сирење, кои биле наменети за увозникот „VIZIONI M.Z.I.I“ од Преоце кај Грачаница.
Одлуката за враќање на стоката произлегува од забраната за увоз на производи од овој производител воведена на 6 ноември, поради повторени пропусти во хигиената при производството и безбедноста на храната:
„Оваа одлука е донесена по утврдување повторени прекршувања на критериумите за безбедност на храната и проблеми со хигиената во производството, вклучително и незадоволителни лабораториски резултати кои покажале присуство на бактеријата ешерихија коли (Escherichia coli) над дозволените граници во претходни пратки“, се наведува во соопштението на Агенцијата.
На границата биле запрени една пратка од 7.368 килограми со производите „Natura Delikates“, „Duble Cream Masterfood“, „Extra Delikates Aksion“ и „Kravjo Sirenje“, како и втора пратка од 4.900 килограми во која се наоѓале „Natura Sharplaninska“ и „Cream Extra Masterfood“.
Косовските власти потенцираат дека производите од овие две пратки воопшто не стигнале до продажба на нивниот пазар, а наодите за бактеријата ешерихија коли се утврдени кај претходни испораки.

