Денеска во земјава ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, додека попладне и кон крајот на денот се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
По одделни котлини има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Утринските температури ќе се движат од неколку степени над нулата до околу 10 степени, а дневните ќе останат релативно високи за овој период од годината.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со појава на повремен дожд во попладневните часови и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Според синоптичката прогноза, периодот што следува носи променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. Од понеделник се очекува постепен пораст на температурите, кои повторно ќе бидат над просекот за овој дел од ноември.
Метеоролозите најавуваат и засилување на јужниот ветер. Од почетокот на следната седмица ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а од среда се очекува повремено силен ветер со брзина од над 60 километри на час, особено во западните делови од земјата.

