Детското одделение во Општата болница во Куманово изминатата недела се соочува со значителен наплив на пациенти. Лекарите известуваат за алармантна бројка од околу 80 прегледи дневно, што претставува сериозен притисок врз педијатриските служби.
Началничката на одделението, д-р Маргица Арсовска, посочува дека иако обемот на работа е висок уште од септември, во последните денови е забележано нагло зголемување на бројот на деца кои бараат лекарска помош.
„Од пред една недела ни е зголемен обемот на работа. Се јавуваат деца со респираторни инфекции, а имаме и хоспитализирани деца“, вели Арсовска.
Според педијатрите, најголем дел од децата првично се третираат кај матичните лекари, но во болницата пристигнуваат кога ќе се појават посериозни компликации. „Кај нас доаѓаат деца со опструктивни состојби, пневмонии, вклучително и искомплицирани вирусни пневмонии. Изолираме и бактерии“, објаснува таа.
Здравствените власти апелираат до родителите за навремена реакција и почитување на лекарските совети, особено со оглед на тоа што состојбата со респираторните инфекции е проследена и со почетокот на сезоната на алергии.

