СДСМ обвинува дека иницијативата за формирање на „Српска лига“ во Македонија претставува нов политички сателит на премиерот Христијан Мицкоски, споредувајќи ја со партијата ЗНАМ и Платформата. Од партијата велат дека наместо Милорад Стојилковиќ, сега во оваа структура се појавува Саша Богдановиќ, кого го нарекуваат „Стојилковиќ 2.0“.
Во партиското соопштение, кое МИА го пренесува интегрално, СДСМ тврди дека зад формирањето на ваквата иницијатива стојат структури поврзани со српската политичка сцена и остатоци од безбедносните структури на БИА.
Од СДСМ изнесуваат обвинувања и за наводна улога на Стојилковиќ во финансирањето на митинзи на српскиот претседател Александар Вучиќ во Куманово, организирање превоз на граѓани од Македонија за митинзи во Србија, како и издавање лични карти и пасоши за гласање во соседната земја.
Партијата отвора прашања и за бизнис-релациите со Душан Адамовиќ, кој, како што наведуваат, бил назначен за почесен конзул на Македонија во Србија. СДСМ тврди дека неговото назначување е поврзано со деловни интереси во енергетскиот сектор.
Во соопштението се споменува и Саша Богдановиќ, за кого од СДСМ велат дека ја нарекол партијата „усташка“, споредувајќи ја таквата реторика со изјавите на Вучиќ кон студентите во Србија.
Од СДСМ бараат институциите да ги испитаат нивните наводи за евентуална соработка со странски разузнавачки служби и дејствување спротивно на интересите на државата.
Истовремено, од партијата нагласуваат дека критиките не се насочени кон српскиот народ, со кој Македонија има соседски и пријателски односи.
„Вучиќ не е Србија. СНС не се Србите“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека српските граѓани не треба да се поистоветуваат со политичките структури на нивната власт.

