Поранешниот шведски младински фудбалски репрезентативец Кен Фагерберг почина на 38-годишна возраст, потврдија неговите родители за шведскиот весник „Гетеборгс постен“, наведувајќи дека тој бил пронајден мртов во својот кревет.
Причината за смртта и околностите под кои починал сè уште не се познати, додека неговиот татко Горан Фагерберг изјави дека Кен бил човек со големо срце и огромен фудбалски талент кој можел да постигне уште повеќе во кариерата.
Фагерберг се афирмираше во 2007 година во дресот на шведскиот клуб Ергрите со 12 гола на 22 натпревари во втората лига, по што направи трансфер во данскиот Мидтиланд, а во Данска настапуваше и за Виборг, Хорсенс и Вендсисел – истакнувајќи се особено во 2011 година со десет погодоци на 13 средби како позајмен играч во Виборг.
Во понатамошниот тек од кариерата се врати во Шведска каде што играше за Асириска и Љунгскиле, а на репрезентативно ниво запиша шест настапи и четири гола за селекцијата на Шведска до 19 години, како и еден настап за репрезентацијата до 21 година.

