Во сабота, 21 ноември, верниците и МПЦ го празнуваат Соборот на свети архангел Михаил, меѓу народот познат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Овој голем есенски празник многу семејства го одбележуваат како слава, а во чест на празникот именден празнуваат Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и други.
Црквата го востановила овој ден во чест на безбројните ангели и нивниот водач, свети архангел Михаил, чиј главен празник е на 8 ноември (по стариот календар), додека денешниот датум го означува споменот на неговите чуда во местото Хони кај Ерапол во Фригија, каде што била подигната црква во негова чест.
Според теолошкото учење, пред создавањето на материјалниот свет, Бог ги создал ангелите како духовни и невидливи битија. На иконите тие се претставени во човечка форма со крилја како божји весници, во бела облека што симболизира чистина, и со ликови на млади луѓе. Единствено архангел Михаил е насликан во војводска облека со меч и копје.
Историскиот контекст на овој изглед потекнува од битката кога ангелот Деница се одметнал од Бога и создаде невидливо духовно царство на злото. Тогаш свети архангел Михаил го победил и симнал од небото, борејќи се за славата Божја. Пред тоа, тој ги собрал сите верни ангели пеејќи ја песната: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот“, во чиј спомен е востановен празникот.
Изборот на месецот ноември се должи на фактот што во старото сметање на времето кога годината почнувала во март, ноември бил деветти месец, соодветно на деветте ангелски чинови, додека осмиот ден (по стариот календар) го симболизира доаѓањето на Исус на страшниот суд.

