Температурите и денеска се релативно високи во поголем дел од земјава. Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, во 10 часот највисока температура од 22 степени е измерена во Скопје и Гевгелија.
Најстудено утрово било на Попова Шапка и во Крушево, каде термометрите покажале 12 степени.
Претходно УХМР издаде и метеоаларм за силен ветер од јужен правец, кој на одделни места се очекува да надминува 80 километри на час.
И покрај најавата за ветер, утринските температури покажуваат дека ноември продолжува со релативно топло време. Според прогнозата, во текот на денот во Скопје температурата може да достигне до 24 степени.
Сепак, ваквото време нема долго да се задржи, бидејќи од утре се очекува продор на постудена воздушна маса од север и постепено опаѓање на температурите.

