Глобалниот прекин на услугите на Microsoft, кој ги опфати клучните алатки како Outlook, Teams и Copilot, траеше повеќе од 10 часа и предизвика сериозни застои во работењето на владините институции, здравството и компаниите ширум светот, објавува BBC. Според податоците на платформата Downdetector, проблемот се проширил во 74 земји за само еден час, при што пријавите за дефекти кај Outlook достигнале речиси 140.000, што е над 2.000 пати повеќе од вообичаеното.
Од технолошкиот гигант ги отфрлија сомневањата дека станува збор за хакерски напад, појаснувајќи дека причината е проблем во сопствената инфраструктура, односно „зголемено оптоварување“ во неколку региони откако дел од серверите неочекувано престанале да работат. Иако компанијата првично соопшти дека гледа „позитивни резултати“ од поправките, набрзо призна дека процесот не се одвива според планот и предупреди дека серверите би можеле повторно да паднат при масовно повторно поврзување на корисниците.
Последиците ги почувствуваа повеќе од 430 милиони корисници и над 90 проценти од најголемите светски компании, вклучувајќи ги и гигантите OpenAI и Anthropic, како и Претставничкиот дом на САД. Во Сингапур граѓаните беа пренасочени кон кол-центри за итни случаи, додека властите во австралиската држава Нов Јужен Велс побараа од вработените да го одложат доаѓањето на работа, а погодени беа и федералната полиција и разузнавачката служба.
Австралискиот министер за сајбер безбедност, Тони Бурк, изјави дека Microsoft верува оти ситуацијата е „слична на она што го видовме во случајот „Краудстрајк“, каде што ажурирањето тргна наопаку“. Експертот за сајбер безбедност Трој Хант предупреди дека Microsoft претставува огромен дел од „’рбетот“ на интернетот, додека Пол Спејн од „Горила Технолоџи“ оцени дека доколку не станува збор за сајбер напад, ваквиот прекин укажува на „неверојатна некомпетентност“ поради која компаниите изгубиле цел работен ден.
Истовремено, банките и институциите ширум светот упатија апел до граѓаните да внимаваат на онлајн измамници кои ја користат ситуацијата и испраќаат лажни пораки нудејќи „ИТ поддршка“ со цел кражба на податоци. Додека траеше блокадата, на социјалните мрежи се појавија бројни шеги на сметка на корпоративната работа, па така една американска агенција за недвижности коментираше: „Денови како овие ве потсетуваат дека целата ваша работа е само испраќање е-пошта“.

