Двајца 26-годишни мажи ги загубија животите, а 14 лица беа повредени во пожар што избувна во повеќекатна станбена зграда во германскиот град Висмар, соопшти полицијата во Росток.
Огнот избувнал синоќа, кратко по 22 часот, а при пристигнувањето на екипите за итни случаи, од зафатениот влез веќе излегувал густ чад, пренесува „Шпигел“. Пожарникарите веднаш започнале со евакуација на станарите од тој дел на објектот, додека жителите од два соседни влеза превентивно ги напуштиле своите домови.
За време на интервенцијата, гаснењето на пламените јазици и пребарувањето на просториите, пожарникарите ги пронашле безживотните тела на двајцата 26-годишни жители.
Од вкупно 14 повредени лица, тројца се пренесени на болничко лекување, додека на останатите им е укажана медицинска помош на самото место. Дел од евакуираните граѓани не можеле да се вратат во своите станови, поради што ноќта ја поминале во привремено сместување.
Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати, а надлежните органи работат на утврдување на сите околности под кои се случила трагедијата.

