Пејачот на легендарниот хрватски бенд „Прљаво казалиште“, 67-годишниот Младен Бодалец, се струполи на сцената за време на нивниот концерт во Германија.
Инцидентот се случил во салата „MPH Arena“, додека Бодалец го изведувал познатиот хит „Љубав је тако слепа“. Во еден момент од настапот, тој се стрчал кон работ на бината и скокнал, по што загубил рамнотежа и паднал на сцената.
Неговите колеги од бендот веднаш притрчале да му помогнат, но штом забележале дека е во добра состојба и дека не станува збор за сериозна повреда, на шега скокнале врз него.
Бидејќи пејачот престанал да пее во моментот на падот, меѓу присутните во салата настанала кратка загриженост проследена со крици од публиката. Сепак, Бодалец многу брзо продолжил да пее, по што станал и продолжил да се движи по сцената и да комуницира со фановите.
На социјалните мрежи веднаш следуваа бројни коментари со поддршка за неговата реакција: „Легендо, држи се“, „Само вистински професионалец може да го направи ова“, „Браво, ти си најдобар!“.
Инаку, Јасенко Хоура и Младен Бодалец од 2022 година повеќе не настапуваат официјално под името „Прљаво казалиште“ поради судска забрана, по што нивниот состав го носи името „Хоура Група“.
Спорната ситуација настанала откако Хоура започнал самостојни проекти под старото име без согласност од еден од основачите, Тихомир Филеш, по што Трговскиот суд во Загреб донесе привремена мерка со која им се забранува користењето на имињата „Прљаво казалиште“ и „Прљавци“.

