Советот на Општина Аеродром на вчерашната седница донесе три одлуки насочени кон поддршка на младите жители, наградување на успешните ученици и воспоставување стандарди за отчетност во локалната самоуправа.
На предлог на градоначалникот Дејан Митески, старосната граница за целосно ослободување од општинскиот дел од комуналиите за изградба на прв дом се зголемува од досегашните 35 на 40 години, со што мерката се усогласува и со таа на Град Скопје.
Останатите критериуми за користење на оваа поволност остануваат непроменети. Барателите треба да бидат жители на Општина Аеродром најмалку две години, да градат прв дом за лични станбени потреби и да имаат обврска да живеат во него најмалку десет години.
Советниците изгласаа и одлука за доделување еднократни парични награди за учениците од седмо до деветто одделение во општинските основни училишта. Наградите се однесуваат на постигнати успеси во науката и технологијата, уметноста и литературата, спортот, како и за ученици со посебни образовни потреби кои покажале исклучителен инклузивен напредок.
Право на парична награда ќе имаат учениците чии постигнувања се остварени во тековната или претходната учебна година, а условите ќе бидат објавени преку јавен повик.
Дополнително, Општина Аеродром за првпат донесе Кодекс со кој се утврдуваат правила и стандарди за однесување и работење на градоначалникот, претседателот и членовите на Советот, како и на останатите носители на јавни функции.
Документот ги дефинира принципите на законитост, професионален интегритет, одговорност, отчетност, транспарентност и заштита на јавниот интерес, со цел зајакнување на довербата на граѓаните во локалната власт.

