Министерката за орбазование и наука, Весна Јаневска смета дека моделот што Владата и го нуди на студентите е праведен и очекува дека тие се тие од кои зависи дали ќе има продолжување на преговорите.
Идејата е средствата да се користат исклучиво за намената заради и која се двојат од буџетот – за оброци, а не за други потреби на студентите. Сега тие се на потег, дадовме време да се консултираат со студентите кои ги застапуваат и доколку прифатат, да продолжиме понатаму со подготовка на законски измени и подготовка за техничка имплементација на моделот, вели Весна Јаневска, министерка за образование и наука во интервју за Прес 24.
Јаневска посочува дека состојбите во студентските домови не се такви, какви што опозицијата ги претставува.
-Дојдоа многу медиуми и заедно видовме дека немаше ништо од тоа за кое тие зборуваат. Нема протекувања, нема нефункционални радијатори, нема лоша храна, нема бубачки…… Во неколку наврати реков – да, може да се случи да настане технички проблем, исто како и кога граѓаните купуваат стан и ќе увидат пропуст. Тоа може да се случи, но домот е под гаранција, а изведувачот е сериозна австриска фирма и веднаш постапува по секоја забелешка, така што по сите пријави на студентите е постапено и се санирани. Не велам дека нема пак да се појави некој проблем, но секогаш ќе има брза интервенција. Информирана сум дека во една од просториите на домот, кои не беа опфатени со реконструкцијата, имало инцидент со бојлер кој е решен во период од 24 часа. Сегашните најмодерни услови во домот, не се споредуваат со оние од 2024 година во кои Владата на СДСМ сместуваше студенти, вели Јаневска, посчувајќи сепак дека редот заедно треба да го одржуваат сите, но за жал, понекогаш имала впечаток дека се работи за координирани акции за оштетувања и претставување дека се работи за неквалитет.
-Кому се прави таа штета? Дали се прашале оние кои поттикнуваат и оние кои извршуваат? Зарем е можно радијатор сам да се откорне од ѕид, жица од алармен систем сама да се пресече…..Ќе потсетам и дека имавме ситуација во која одводна цевка на тоалет беше затната од фрлени влажни марамици и инцидент со заборавена храна во вклучена микробранова печка. Не е целта да се занимаваме со истраги, вели министерката за образование.
Еден од капиталните проекти на ова министерство беше Законот за Високо образование, кој остана заглавен во собраниска процедура. Јаневска вели дека се надева оти опозицијата ќе ја надмине својата идеологија дека само со кочење на тековни активности и заложби на актуелна Влада, може да презентира нејзин неуспех и потоа да дојде до власт.
-Мислам дека тој пристап се препознава од јавноста и може само да им донесе дополнителни негативни поени. Трите закони се од особена важност не само за високото образование и науката, тие се важни за целото општество и секако најважни се за младите луѓе од оваа земја за да можат да ја градат како стручњаци и својата лична иднина, но и целото општество, вели Весна Јаневска министерка за образование и наука во интервјуто за Прес 24.
ПРЕС 24: Средбата со студентите за нивното барање за зголемување на субвенционираниот оброк не даде конкретни разултати. Ќе продолжат ли разговорите?
ЈАНЕВСКА: На студентите им понудивме нов системски модел за поефективно искористутвање на средствата – ваучерски систем кој се покажува како успешен во Словенија и многу други земји. Студентите беа заинтересирани за овој модел во минатото и токму заради тоа ние и им го нудиме. Идејата е средствата да се користат исклучиво за намената заради и која се двојат од буџетот – за оброци, а не за други потреби на студентите. Сега тие се на потег, дадовме време да се консултираат со студентите кои ги застапуваат и доколку прифатат, да продолжиме понатаму со подготовка на законски измени и подготовка за техничка имплементација на моделот.
ПРЕС 24: Што е разликата меѓу она што Вие, како Влада, го нудите и она што студентите го бараат?
ЈАНЕВСКА: На иста страна сме, интересот е идентичен студентите да добијат субвенција за поквалитетен оброк. Студентите бараат покачување на вредноста на субвенцијата, односно усогласување со инфлацијата, но одат и над тоа и побараа субвенцијата да изнесува до 200 денари, односно да се зголеми износот на финансиската поддршка. Она што ние го нудиме како Влада е зголемување на вредноста на субвенцијата и нејзино користење исклучиво за прехранбени продукти, преку провајдери кои ќе бидат избрани за да ја пружаат таа услуга.
ПРЕС 24: Ако постои законска основа за зголемување на висината на оброкот согласно инфлацијата, зошто тоа не е правено изминативе години?
ЈАНЕВСКА: Направено е, но не се толкува така. Износот е зголемен од 120 на 140 денари во период кога годишните стапки на инфлација не предвидувале толкаво зголемување. Минатата година исто така имавме обезбедено буџет за зголемување на субвенцијата, но со претставниците на студентите, по нивно барање и инсистирање, се договоривме да не се покачува вредноста, туку да го прошириме опсегот на корисници. МОН овозможи субвенциониран студентски оброк да добиваат и студенти запишани на постдипломски и интегрирани студии, како и студентите кои имаат статус на вработени лица, според Агенцијата за вработување.
Сега направивме нови пресметки, дадовме нова понуда и очекуваме одговор од студентските собранија.
ПРЕС 24: Паралелно со оброкот, студентскиот стандард го опфаќа и домувањето. Реално тука има процес на подобрување на условите, но она што минатата недела беше тема во јавноста се информациите за серија оштетувања. Тука е и запален болјер во Стив Наумов. Направивте ли увид за какви штети станува збор?
ЈАНЕВСКА: Во петокот го посетив студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда токму поради темата која се отвори на социјалните мрежи, но и поради тоа што бев прозвана од СДСМ, партијата која е синоним за лицемерие и која на прес конференција тврдеше дека тие биле на страната на студентите. Општо е познато какви беа условите во домовите, во времето кога СДСМ раководеше со државата. Во студентските домови, тогаш реално шетаа глувци и други штетници и во тоа време реално се распаѓаа ѕидови, плафони и навистина имаше влага и течеше вода од покривите. Да потсетам дека ветија и не исполнија ветување за изградба на нов студентски град и така натаму. Ги повикав заедно да направиме обиколка во домот за да провериме дали навистина се рушат ѕидови и прокиснуваат кровови, како што тие пласираат информации во јавноста и ги вознемируваат особено родителите кои имаат деца што престојуваат таму. Јас отидов, но СДСМ не се одзва на поканата. Дојдоа многу медиуми и заедно видовме дека немаше ништо од тоа за кое тие зборуваат. Нема протекувања, нема нефункционални радијатори, нема лоша храна, нема бубачки……
Во неколку наврати реков – да, може да се случи да настане технички проблем, исто како и кога граѓаните купуваат стан и ќе увидат пропуст. Тоа може да се случи, но домот е под гаранција, а изведувачот е сериозна австриска фирма и веднаш постапува по секоја забелешка, така што по сите пријави на студентите е постапено и се санирани. Не велам дека нема пак да се појави некој проблем, но секогаш ќе има брза интервенција. Информирана сум дека во една од просториите на домот, кои не беа опфатени со реконструкцијата, имало инцидент со бојлер кој е решен во период од 24 часа. Сегашните најмодерни услови во домот, не се споредуваат со оние од 2024 година во кои Владата на СДСМ сместуваше студенти.
ПРЕС 24: Реално ова не се нови приказни, искуството од минатото покажува дека секој реновиран студенстки дом многу бргу добива лик на руниниран. Сосема јасно е дека проблемот е намеањето систем за одговорност и санкции?
ЈАНЕВСКА: Инвестицијата е голема, направена за студентите и за генерациите по овие кои годинава се сместени во домот. Ќе потсетам и дека пред почетокот на академската година направивме измени на регулативата за домување и сме поригорозни доколку во домовите се внесува алкохол, доколку се пуши во собите, се оштетува инвентарот и така натаму. Одредбите предвидуваат од наплата на предизвикана штета до забрана за сместување во било кој дом во државата. Домот е на студентите, нивно живеалиште и тие треба да внимаваат и одговорно да го чуваат привремениот дом.
ПРЕС 24: Според Вас каде треба да се бара решение за да не се повторуваат вакви сценарија?
ЈАНЕВСКА: Сите имаме одговорност. Раководителите на домовите да одржуваат, сместените студенти да чуваат и првенствено да не руинираат. Редот заедно треба да го одржуваме, но за жал, понекогаш имам впечаток дека се работи за координирани акции за оштетувања и претставување дека се работи за неквалитет. Кому се прави таа штета? Дали се прашале оние кои поттикнуваат и оние кои извршуваат? Зарем е можно радијатор сам да се откорне од ѕид, жица од алармен систем сама да се пресече…..Ќе потсетам и дека имавме ситуација во која одводна цевка на тоалет беше затната од фрлени влажни марамици и инцидент со заборавена храна во вклучена микробранова печка. Не е целта да се занимаваме со истраги. Целта е да ја подигнеме свеста дека домовите се заедничко, јавно добро и треба да го чуваме за следните генерации.
ПРЕС 24: Во минатото имаше разни идеи за организаиција на студенсткото домување. Една од опциите што беше разгледувана е јавно-приватно партнерство?
ЈАНЕВСКА: Сме ја разгледувале таа опција во министерството, но одлучивме дека е подобро домовите да останат во државна сопственост и управување. Јавното приватно партнерство ќе ја зголеми цената на домување за многу повеќе од тоа што е сега применето како решение по сугестија на државниот ревизор. Ќе продолжиме да функционираме вака и остануваме фокусирани на обнова на домовите, за што во тек се постапки за избор на изведувачи на градежните работи.
ПРЕС 24: Кога треба да заврши реконструкцијата на студентскиот дом Кузман?
ЈАНЕВСКА: Многу скоро. Мислам до крајот на годинава дека ќе ги отвориме вратите за студентите. Зградата ќе има капацитет за 280 студенти кои ќе можат да аплицираат на јавен конкурс.
ПРЕС 24: Што се случи со Законот за Високо образованиене, ќе остане ли заложник на бадентеровото мнозинство?
ЈАНЕВСКА: За жал, законот се уште не може да го види светлото на денот, а толку многу очекуваме да помогне во подигнување на квалитетот на високото образование, а и на науката. Законот за високо образование оди во пакет заедно со Законот за квалитет во високото образование и науката и Законот за научно – истражувачка дејност. Тие не се сработени со седење во кабинет или од поединци. Применивме инклузивен пристап, ги поминавме сите универзитети, ги слушнавме сите сугестии и ги интегриравме најчестите, оние што најмногу се повторуваа и навистина беа издржани. Се надевам дека опозицијата ќе ја надмине својата идеологија дека само со кочење на тековни активности и заложби на актуелна Влада, може да презентира нејзин неуспех и потоа да дојде до власт. Мислам дека тој пристап се препознава од јавноста и може само да им донесе дополнителни негативни поени. Трите закони се од особена важност не само за високото образование и науката, тие се важни за целото општество и секако најважни се за младите луѓе од оваа земја за да можат да ја градат како стручњаци и својата лична иднина, но и целото општество.
ПРЕС 24: Падот на наталитетот и демографската структура на населението беше дел од една ваша иницијатива за реорганизиација на училишта. Како оди тој процес, имаше отпор, страв дека наставници ќе останат без работа, превоз на ученици?
ЈАНЕВСКА: Оптимизацијата на училишната мрежа е сериозна реформа која ја спроведуваме за да се подобри квалитетот на воспитно – образовниот процес, да се унапреди социјализацијата на децата, средствата кои се наменети за образование да не се трошат непродуктивно и така натаму. Многу помпа, најчесто од опозицијата, многу вознемиреност која се покажа како неоправдана. Оптимизиравме, односно споивме над 430 паралелки во основното и средното образование во кои имаше мал број ученици. Не е тајна дека во некои училишта имаше на пример – две паралелки со по два ученика. Таквите паралелки ги споивме со други, а општините привремено затворија 26 училишни објекти со мал број дечиња и ги приклучија кон децата во најблиските поголеми училишта. Локалните самоуправи ја сфатија суштината, добрата намера на промената и ја спроведуваат. Притоа ниту еден редовно вработен наставник или стручен соработник не изгуби работа, но јас веќе најавив дека нови вработувања нема да има, затоа што многу години наназад образованието било област каде се пронаоѓал социјалниот мир.
ПРЕС 24: ПИСА тестирањата што Ви откриваат?
ЈАНЕВСКА: Жалам што ефектите од лошите образовни политики на претходната Влада, ако може да се наречат политики, бидејќи всушност беше негрижа, се чувствуваат се’ уште и веројатно тоа ќе потрае уште некое време. Тие го укинаа Кембриџ образовниот систем по кој, децата што учеа всушност постигнаа најдобри резултати на ПИСА во 2018 година.
ПИСА тестирањето, односно анализата на резултатите дава корисни информации за квалитетот на образованието, за тоа што треба да се преземе и како треба да се градат образовните политики на најмладите. Она што е јасно видливо и е важно е тоа дека постојат разлики во постигнувањата на учениците во зависност од социјалниот статус, образованието на родителите, присуството во училиште, вниманието на часовите, навиките за читање книги, постојат разлики меѓу регионите, меѓу етничките заедници и анализата дава и многу други корисни информации.
Актуелната Влада има мандат од јуни 2024 година и веднаш започна со драстични промени, за кои, многупати сум потенцирала, ефектот не може да го дадат по една или две година, туку најмалку на среден рок од 5,6 години. Неопходно е барем една генерација да учи по системот кој ние сега го градиме – со нови наставни програми, со повеќе обуки за наставници, меѓу кои и обуки како да ги едуцираат децата повеќе да читаат со разбирање, со нов пристап во наставата, со едносменска настава и продолжен престој и така натаму. Да повторам, сигурна сум дека ќе имаме подобри резултати, но потребно е време.
ПРЕС 24: Врсничкото насилство беше сериознен проблем оваа година. И тука се чини потребно е многу повеќе од она што досега се зборуваше, бидејќи веројатно тоа е состојба на која има различни влијанија. Прави ли министерството некаква анализа, потребна ли е некаква сеопфатна национална стратегија, која ќе вклучува различни општетствени профили за да се најде некакво решение?
ЈАНЕВСКА: Мојот впечаток е дека не се зголемува насилството по обем, туку се зголемува бруталноста. Во таа насока, како министерство применивме многу поширок превентивен пристап за спречување на оваа појава. Најпрво, со законски измени од минатата година ги задолживме училиштата во своите годишни програми да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично. Ги зајакнавме стручните служби со ангажирање на кадар онаму каде што недостигаше, а ги вративме и дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите, наместо ученици да го прават тоа. Бирото за развој на образованието изготви прирачник за наставниците за спречување и справување со врсничко насилство и други облици на насилство и дискриминација.
Со Телеком и УНИЦЕФ изработивме прирачник за справување со сајбер булинг. Со Макпетрол е изработен Прирачник за справување со врсничко насилство во училиштата, кој се базира на примери и изнаоѓање решенија на реални ситуации. Со Коалиција на младински организации – СЕГА, работиме на подготовка на национални стандарди за безбедни училишта, дефинираме услови и критериуми и ќе стимулираме нивно исполнување. Со Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Комората на психолози, пристапивме кон нова национална иницијатива за надградба на компетенциите на училишните психолози, наставници и целата стручна служба од училиштата за препознавање на семејно насилство преку однесувањето на децата и спречување на понатамошна трансформација во врсничко насилство. Анализите потврдуваат дека најчест причинител на врсничко насилство е токму семејното. Со информативно – едукативна кампања се вклучи и Шпаркасе.
Предвидуваме и парични казни од 250 евра за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште, но и за родителите кои одбиваат да соработуваат со училишните служби.
Најважни активности за борба против врсничкото насилство се превентивните и јас ги повикувам сите општествени чинители сериозно да го сфатат предизвикот и да се вклучат во заедничката борба. Да не дозволиме да создаваме генерации кои брутално ќе се изживуваат врз свои врсници, но и апатични млади кои не само што нема да интервенираат доколку бидат сведоци на насилство, туку и со возбуда ќе снимаат со своите телефони.
ПРЕС 24: Колку сте Вие задоволни од она што во овој Ваш мандат досега е сработено во Вашиот сектор?
ЈАНЕВСКА: Во Министерството имаме јасно дефинирана програма по која се водиме, со конкретни рокови за исполнување на целите и задачите. Задоволна сум од досега сработеното и благодарна за целата поддршка од Владата, од мојот тим, од другите министерства и институции, граѓанскиот сектор, универзитетите и факултетите и многу други кои ја подржуваат и потпомагаат работата на министерството. Да повторам – ефектите од работата денес, ќе се видат по неколку години и верувам дека ангажманот на сите чинители кои ги набројав ќе покаже убави резултати.

