Close Menu
Press24
    Најново

    Снег паѓа во Грција, се е замрзнато како среде зима

    17.10.2026 во 14:48

    Серија апсења низ Македонија

    17.10.2026 во 13:54

    Времето денеска покажува заби: Само 2 степени измерени во 14 часот

    17.10.2026 во 14:31
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Димовски: Случајот Михаилова отвора сериозни прашања за улогата на бугарските безбедносни структури
    • Паника на германски аеродром, пистата итно затворена: Возило ја пробило оградата и влетало меѓу руски авиони
    • Есента покажува заби: Во 11 часот во Македонија измерени 6 степени
    • Ужас го потресе светот: Затруени над 200 деца во градинка – затворски казни за петмина вработени во Гансу
    • Рама со шокантни детали: Спречен напад со дрон врз владината зграда, премиерот укажува на вмешаност на странска рака
    • Сабајле уште во 8 ќе снема струја – Проверете дали сте на списокот за исклучувања
    • Хорор во Куманово: Приведен тинејџер, полицијата му пронашла автоматска пушка, направа со тајмер и 44 куршуми
    • Тревога на Балтикот: Граѓаните предупредени да се засолнат, НАТО крена борбени авиони
    • Најново
    • Популарно
    • Маркетинг
    • Импресум
    Facebook Instagram TikTok
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24
    Home » Димовски: Случајот Михаилова отвора сериозни прашања за улогата на бугарските безбедносни структури

    Димовски: Случајот Михаилова отвора сериозни прашања за улогата на бугарските безбедносни структури

    18.10.2026 во 12:15Updated:18.10.2026 во 12:1925 Mins Read
    Сподели
    Facebook Twitter WhatsApp

    Поранешниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ, сега политички аналитичар, Илија Димовски во интервју за Прес 24, оценува дека е добро што Европската Унија го отвара процесот за реформи при одлучувањето во пристапниот процес, но не смета дека ќе има големи очекувања. Потенцира дека уставните измени се сериозно државно прашање, кое не треба да се сведуваат на трка ниту со туѓ изборен календар, како што се на пример француските избори.

    -Потребно е да се знае што следува по нив, кои обврски остануваат и како ќе се постапува со идентитетските прашања. Особено затоа што конечниот прием повторно ќе зависи од согласноста на сите членки. Одговорната политика треба истовремено да ја препознае можноста и да го процени ризикот. Самото одлагање не создава подобра позиција, како што ни самото исполнување на барањето не гарантира дека сите пречки исчезнале. Подобра позиција се создава со работа, сојузништва и јасно договорени услови. Тоа е разговорот што ни е потребен, со доволно сериозност од македонска и од европска страна, вели Илија Димовски во интервју за Прес 24.

    Случајот со бегството на Ива Михаилова од Македонија, според негова процена е дека случајот има карактеристики на организирана и координирана операција и дека отвора сериозни прашања за улогата на бугарските безбедносни структури.

    -Тоа го кажувам како политичка процена врз основа на јавното однесување и контекстот. Немам истражни сознанија со кои би можел да утврдам конкретна вмешаност, а таа разлика мора да се почитува. Во постапувањето на Софија гледам и демонстрација на моќ: порака дека ќе ги штити луѓето што се изјаснуваат како Бугари, дури и кога нивниот случај е предмет на правна постапка во Македонија. Таквата порака има и внатрешна политичка публика во Бугарија, вели Димовски.
    Димовски, кој во јавноста зборува низ еден поинаков поглед на разборањето на идентитетите на Балканот, особено кога станува збор за македонскиот идентитет смета дека македонското општетство има капацитет да препознае и да гради заедништво со луѓе кои имаат заедничка историја, а денеска изразуваат различни национални идентитети и дека тоа е прашање на кое отворено треба да се разговара.

    -Македонските луѓе денес ги има во различни форми и појавни идентитети, но има една константа која не се брише лесно, дури и сама се ресоздава. Културата, јазикот, ората, песните и преданијата се исти и во мојот Велес, мајчиниот Охрид, Берово, Битола, но и во Горна Џумаја, Неврокооп, Воден, Пожар, Драгаш, Крушаре пазарско и Девол, дури и во Измир. Сум бил секаде, на свадбите се пејат истите песни и се сака Македонија подеднакво.

    Можеме да препознаваме блиски песни, обичаи, семејни приказни и историски искуства, а денес да имаме различно национално самочувство заради интересите на други држави. Пријателството бара да ја почитуваме таа разлика. Болно е на човек овде да му кажувате дека мора да биде Бугарин или Грк, како што е неправедно и ние нему таму да му го оспоруваме чувството што го има колку и нам тоа да не ни се допаѓа. Но треба да подадеме рака и да не судиме, вели Димовски.

    Во интервјуто Димовски зборува и за политиките на владата, активностите на опозицијата,
    како и на иницијативата на дел од опозициските редови собрани околу Платформата 12.05.

    -За мене главното прашање е што предлагаат да се промени. Каков е нивниот став за економијата, институциите и националните прашања? Кои претходни политики ги сметаат за погрешни? Како ја објаснуваат сопствената улога во периодот кога дел од тие одлуки биле носени? Барањето одговорност од актуелното раководство ќе биде поубедливо ако е придружено и со подвлекување на одговорноста за конкретните политички грешки од минатото, вели Илија Димовски во интервју за Прес24.

    ПРЕС24: Брисел ја почна иницијативата за дебата за промена на моделот за одлучување, меѓу другото и за проширувањето, но без конкретни заклучоци на овој
    Самит.


    ДИМОВСКИ: Добро е што во Брисел конечно отворено се разговара за способноста и неспособноста на Унијата да одлучува и да се проширува. Но јас сум внимателен со очекувањата. Едно е да се отвори дебата, друго е да се усогласи предлог, а трето е земјите членки навистина да се откажат од дел од својата политичка моќ.

    Предлогот за мнозинско одлучување во одредени меѓуфази на пристапувањето може да го олесни процесот. Сепак, не станува збор за веќе усвоено, општо укинување на ветото. Конечниот прием и понатаму бара согласност од сите членки. Тоа е важна разлика за Македонија, бидејќи блокадата може да се премести од една фаза во друга.

    Не очекувам големите европски држави лесно да се откажат од механизмите со кои ги штитат сопствените интереси. Уште помалку очекувам Бугарија доброволно да се откаже од инструмент што ѝ овозможува непропорционално големо влијание врз нашата иднина.

    Треба да го разбереме и поширокиот контекст. Денешната европска расправа за проширувањето е силно определена од војната, безбедноста и геополитичката конкуренција. Комисијата може да предлага и да ја движи агендата, но пресудната политичка поддршка мора да дојде од земјите членки, која очигледно не постои. Затоа би ги следел и изјавите од Брисел и одлуките во европските престолнини. За нас е важно да знаеме што точно се менува, кога ќе се менува и какви последици ќе има тоа врз условите што веќе ни се поставени.

    ПРЕС24: Колку реално е да се очекува дека еден ваков процес може да и биде од
    корист на Македонија?


    ДИМОВСКИ: Може да биде корисен, доколку донесе предвидливост и ја намали можноста секој нареден чекор да биде повод за ново условување. Но Македонија не смее целата своја стратегија да ја постави врз очекувањето дека некој во Брисел ќе ги промени правилата и така ќе го реши нашиот проблем.

    Предолго го одложуваме разговорот за тоа каква држава можеме да изградиме со сопствени одлуки. За функционален јавен превоз, чисти градови, подобро здравство, сериозно образование и правосудство во кое граѓаните ќе имаат доверба, не ни е потребна согласност од дваесет и седум влади. Потребни ни се знаење, работа и одговорност дома.

    Македонија ќе има поголема тежина и во регионот и во Европа кога ќе има универзитети на кои ќе сакаат да студираат и други студенти од соседството, култура што ќе биде присутна надвор од нашите граници и институции што ќе создаваат сигурност. Јас сакам држава на знаење, развој и можности, која привлекува луѓе и идеи.
    Сакам да ја поддржиме нашата држава да ги исполни тие цели. Верувам дека луѓето се истоштени, заморни и немаат голема доза на оптимизам, но тоа можеби е и целта на оние кои не сакаат да успееме.

    Паралелно, треба сериозно да ги разгледуваме сите форми на поблиско поврзување со европскиот простор. Сакам повторно да ја спомнам и можноста за придружен статус што би донел реален пристап до пазарот и поголема слобода на движење на стоки, услуги и луѓе. Вредноста на таков модел ќе зависи од конкретните права и обврски, а не од неговото име. Треба да знаеме дали отвора пат напред или создава ново долгорочно чекање. Во меѓувреме, домашниот развој мора да продолжи.

    Треба да се обидеме, со сите држави од регионот, дури и оние кои во овој момент мислат дека се во некоја предност, а се лажат бидејќи ништо нема да им значи, да создадеме силни иницијативи, предлози и заеднички пристап. Треба да бараме да се интегрираме, да ги избегнеме проблемите со превозниците, челикот и индустријата, пазарот на електрична
    енергија.

    ЕУ е заморена, и тоа треба да го прифатиме како реалност, а не како фрустрација.

    ПРЕС24: Многумина европски дипломати предупредуваат дека планот за брза лента за проширувањето е процес кој Македонија не треба да го испушти, бидејќи веројатно следно проширување е неизвесно. Дали изборите во Франција во април се последниот рок за Македонија да ги заврши уставните измени?

    ДИМОВСКИ: Не би ги прогласувал француските избори за формален последен рок. Политички прозорци постојат и треба да се препознаваат, особено кога расположението во големите европски држави може да се промени. Но од тоа не произлегува дека постои утврден европски рок по кој Македонија ја губи секоја можност.

    Од оние што зборуваат за „последната шанса“ очекувам прецизно објаснување: каква шанса, под кои услови, со каква обврска од другата страна и со каква заштита од следна блокада? Ние имаме доволно искуство со ситуации во кои исполнувањето на едно барање било проследено со појавување на друго. Затоа е разумно да се бара јасна слика за целиот процес.

    Уставните измени се сериозно државно прашање. Не треба да се сведуваат на трка со туѓ изборен календар. Потребно е да се знае што следува по нив, кои обврски остануваат и како ќе се постапува со идентитетските прашања. Особено затоа што конечниот прием повторно
    ќе зависи од согласноста на сите членки.

    Одговорната политика треба истовремено да ја препознае можноста и да го процени ризикот. Самото одлагање не создава подобра позиција, како што ни самото исполнување на барањето не гарантира дека сите пречки исчезнале. Подобра позиција се создава со работа, сојузништва и јасно договорени услови. Тоа е разговорот што ни е потребен, со доволно сериозност од македонска и од европска страна.

    Македонија треба да го промени својот фокус, од силно концентриран однос исклучиво кон Брисел, до силно децентрализиран пристап во кој ќе се вклучат билатералните односи и нашите, но на маса да се постават и интересите на Берлин, Париз, но и Варшава, Прага, Будимпешта, Виена и други центри кои имаат интереси кон нашиот простор и регион.

    ПРЕС24: Има ли реална политика во максимата дека ЕУ е стратешка цел, но не по
    секоја цена? Што тоа реално значи?


    ДИМОВСКИ: Има реална политика, ако таа определба се објасни доволно конкретно. Македонија има интерес да биде дел од европскиот политички и економски простор. Има интерес од мир, слобода, развој и рамноправна соработка меѓу народите. Во таква Европа гледам простор и за поголема поврзаност на Македонците, каде и да живеат на Балканот. Но европската интеграција мора да има смисла за државата и за народот што пристапува. Ако процесот постојано отвора прашања за нашиот јазик, историска свест и право на самоопределување, тогаш сме должни да разговараме и за неговата цена. Тоа право го има секоја европска нација.

    Нашата етногенеза не може да зависи од одлука на соседна влада. Историската наука има свој метод и своја дебата, а политиката мора да го почитува достоинството на луѓето. Не сметам дека барањето за таква почит е спротивно на европските вредности. Напротив, токму врз тие вредности треба да се темели односот кон Македонија.

    Во исто време, оваа определба носи и домашна обврска. Не можеме да зборуваме за достоинство на државата, а да се помируваме со слаби институции, лоши услуги и иселување на способните луѓе. Самопочитта треба да се гледа и во начинот на кој ја уредуваме сопствената земја.

    Затоа под оваа максима подразбирам јасни интереси, сериозна дипломатска работа и одговорност кон реформите дома. Колку сме поспособни да ја развиваме Македонија, толку повеќе ќе тежи и нашиот збор во европскиот разговор.

    Да подвлечам стратешка цел на Македонија може да е нејзиниот успех и добробитта на македонскиот народ и сите нејзини граѓани. Ако во оваа фаза од историјата тоа може да се оствари преку наше приближување кон ЕУ, тоа треба да биде така.

    ПРЕС24: Како го коментирате последниот случај со Ива Михаилова. Има ли логика во тезата на опозицијата дека станува збор за некаков договор Скопје-Софија, за да еден проблем биде помалку на преговарачката маса? И што би добила власта со еден ваков потег?

    ДИМОВСКИ: Мојата процена е дека случајот има карактеристики на организирана и координирана операција и дека отвора сериозни прашања за улогата на бугарските безбедносни структури. Тоа го кажувам како политичка процена врз основа на јавното однесување и контекстот. Немам истражни сознанија со кои би можел да утврдам конкретна вмешаност, а таа разлика мора да се почитува.
    Во постапувањето на Софија гледам и демонстрација на моќ: порака дека ќе ги штити луѓето што се изјаснуваат како Бугари, дури и кога нивниот случај е предмет на правна постапка во
    Македонија. Таквата порака има и внатрешна политичка публика во Бугарија. Тезата дека постоел договор со македонската власт, меѓутоа, бара сопствени докази. Од претпоставката дека една страна организирала нешто не може автоматски да се заклучи дека другата дала согласност. Партиско обвинение не е доказ за договор. Мислам дека е неоснована.

    Не ја гледам ни логиката дека со заминувањето едноставно се тргнал „еден проблем од масата“. Ако притоа се отворат прашања за функционирањето на институциите, за судската постапка и за довербата меѓу двете држави, проблемот станува поголем, а не помал.
    Одговорноста треба да биде индивидуална и поткрепена со докази. Ниту националното изјаснување може да биде заштита од законот, ниту пак смее однапред да биде доказ за нечија вина.

    ПРЕС24: Бегството на Михаилова доаѓа во момент кога двете држави возобновуваат
    дијалог. Колку тоа може да биде минирање на тој процес?


    ДИМОВСКИ: Може значително да го отежне, затоа што дијалогот зависи и од довербата во намерите на другата страна. Кога во момент на обновени контакти се случува ваков случај, природно се поставува прашањето дали јавните пораки за соработка се следени со соодветно институционално однесување.
    Јас тајмингот го читам и во контекст на бугарските избори. Македонското прашање таму често служи за политичка мобилизација и за одвлекување внимание од домашните економски и социјални проблеми. Таквата употреба на нашиот однос ја отежнува секоја посериозна дипломатска работа.

    Сепак, од првата средба во Софија не требаше да очекуваме решавање на сè што се наталожило со години. Воспоставувањето комуникација е почеток. Потоа се гледа дали зад неа постојат волја, доследност и конкретни резултати.

    Сметам дека безусловно треба да се движат односите во областите во кои постои непосреден заеднички интерес: енергетика, земјоделство, здравство, транспорт и инфраструктура. Во нив може да се создава практична корист за граѓаните, додека за потешките прашања се бара политичко решение. Доколку тоа се случува ќе имаме основа за доверба, а доколку и тоа недостасува, навистина ќе е тешко да бидеме убедени дека од Софија кон нас гледаат со добри намери.

    И конкретниот случај треба да биде предмет на отворен разговор и правна соработка. Не би
    прогласувал формален прекин на дијалогот ако таква одлука нема. Сме имале низа на вакви
    случаи и со Бугарија и со Србија и со Косово. Но влошувањето на довербата е реално политичко прашање. Софија ќе покаже колку ѝ е важен процесот и преку подготвеноста да помогне да се разјасни она што се случило.

    Не би сакал да провоцирам, но би сакал да прашам како Софија, а и сите други регионални центри, би се поставиле и дали би биле прилично вознемирени доколку Македонија почне
    да кокетира со внатрешни криминогени структури во соодветните држави и им нуди заштита
    од правните постапки во нивното матично опкружување.

    ПРЕС24: Ако се гледаат реално работите. Што Македонија би преговарала со Софија, ако се знае дека обврските се домашни? На кој начин би можела Софија да гарантира некакви идни процеси во кои не би имало идентитетски прашања на маса?

    ДИМОВСКИ: Токму во формулацијата дека обврските се „само домашни“ се губи важен дел
    од проблемот. Ние нешто треба да спроведеме во сопствените институции, но тоа е поставено како услов во однос со друга држава и во европскиот процес. Значи, постојат и домашна постапка и надворешно политичко условување.
    Мојата критика кон Договорот за добрососедство од 2017 година и кон последователните
    протоколи е дека отворивме простор историски спорови да се претворат во меѓудржавни обврски. Денес ги гледаме последиците од формулациите што претходно сме ги прифатиле. За тоа сум зборувал и во врска со Преспанскиот договор и со третманот на историското наследство. Тоа не смееше да стане тема на политиката, а тие што го овозможија тоа треба да се соочат со последиците.

    Затоа има за што да се разговара: за точниот опфат на обврските, за критериумите според
    кои ќе се оценуваат, за роковите, за постапувањето при спор и за тоа што следува кога Македонија ќе исполни одреден услов од европската патека. Потребни се заштитни механизми и јасна поврзаност меѓу преземеното и добиеното.

    Особено внимателен сум за македонскиот јазик. Неговиот статус при конечниот прием не смее да се третира како прашање за кое сите можни ризици веќе исчезнале. Конечниот прием бара едногласност и ратификации, а јазичниот режим на Унијата се уредува едногласно во Советот. Бугарската еднострана изјава сама по себе не е правно вето, но ја покажува позицијата од која Софија може да настапува, а таа е негаторска кон нашиот јазик.

    Поради тоа, уверувањата треба да добијат прецизна европска политичка и документарна поткрепа. Софија не може сама да ги замени сите европски одлуки. Никој сериозен не треба да ветува апсолутна заштита од секој иден спор, но можат да се договорат механизми што го ограничуваат просторот за ново условување. Токму тоа е работа на дипломатијата. Европската дипломатија дополнително може да ги олесни процесите, доколку ја извади историјата од идните преговори за членство. Тоа е возможно сценарио доколку во Брисел и другите центри постои реална волја за проширување на Унијата.

    ПРЕС24: Има ли според Вас решение на проблемот Скопје-Софија?

    ДИМОВСКИ: Верувам дека решение е можно, но бара повеќе државна стратегија и помалку надеж дека односот сам ќе се подобри. Во Бугарија постои широк консензус за македонското прашање. Кај нас премногу енергија се троши на внатрешно докажување кој е виновен, а
    премалку на усогласување што сакаме да постигнеме. Дури и е тешко да помислиме дека
    можеме да се усогласиме.
    Мора да ја смениме навиката постојано да се браниме од туѓи историски тврдења. Нашите институции и историчари треба да отвораат архиви, да поставуваат сопствени прашања и да настапуваат со документи. Изворите треба да се читаат во нивниот контекст, со внимание кон времето, категориите и интересите на авторите. Сериозната аргументација е многу посилна од секојдневната навреда.

    Кога зборувам за ескалација што треба да доведе до деескалација, мислам на тоа спорот и
    неговите противречности да станат видливи пред оние што реално одлучуваат низ Европа. Не можеме бескрајно да ја прифаќаме удобната позиција во која нашите приговори не се слушаат, а туѓите барања се третираат како нешто саморазбирливо. Целта на таквиот дипломатски притисок треба да биде одржлив договор.

    Паралелно треба да градиме соработка таму каде што е можна. Човечката блискост, економскиот интерес и културата можат да создаваат доверба. Пријателството е можно кога се почитува денешното самоопределување на другиот. И на крај, сето ова ќе има поголема сила ако Македонија стане институционално и економски посилна. Добрата надворешна политика има потреба од способна држава зад себе.

    Сепак, да подвлечам, денес во Бугарија живеат повеќе стотици илјади граѓани чие потекло е од Македонија. Тие луѓе, без разлика на нивниот идентитет денес, треба да бидат мост за соработка меѓу двете држави, а не пречка и кочница. Луѓето од Македонија, дел од македонскиот народ, се видлива и огромна конституенца во денешната модерна бугарска нација. Тоа треба да е предност за соработка, не тегоба.

    ПРЕС24: Колку претседателските избори во Бугарија би можеле да влијаат позитивно, или негативно на односите Македонија-Бугарија?

    ДИМОВСКИ: Можат да влијаат врз атмосферата, врз начинот на комуникација и врз подготвеноста да се отвори политички простор. Не би ги потценил личностите. Кога Надежда Михајлова Неински беше избрана за министерка, јавно кажав дека тоа го гледам како позитивен сигнал, иако беше дел од техничка влада. Искуството и разбирањето на поширокиот европски контекст можат да бидат важни.

    Но би бил внимателен со очекувањето дека еден изборен резултат ќе ја смени целата бугарска политика кон Македонија. Во ова прашање разликите меѓу голем дел од бугарските политички актери се помали отколку што понекогаш сакаме да веруваме. Постои институционален и општествен континуитет што не исчезнува со смена на едно лице.

    Во кампања, пак, често се случува натпревар кој ќе испрати поцврста порака. Важно е да видиме што ќе остане од таа реторика по изборите и дали ќе има конкретни потези за подобра соработка.
    Македонија треба да има контакти со различните релевантни актери и да биде подготвена за секој легитимен исход. Не е добро целата наша стратегија да зависи од надежта дека во
    Софија ќе победи некој што сам ќе ги реши нашите проблеми.

    Морам да спомнам дека македонското присуство во Софија е премало. Ние мора да се вратиме во Софија и да ги најдеме сите оние кои се спремни да ни подадат рака, а ги има. Политички, економски, стопански, културно мораме да бидеме таму. Сепак реков, во Софија живеат стотина илјади луѓе по потекло од Македонија. Така треба да создаваме пријатели.

    ПРЕС24: Паралелно со Бугарија, на ист ден во Србија има парламентарни избори.
    Можат ли тие процеси да донесат нови политички играчи во регионот?


    ДИМОВСКИ: Можат да донесат нови лица, нови односи меѓу партиите и поинаква распределба на политичката моќ. Но нов политички играч станува значаен за регионот кога ќе покаже и способност да води политика, да создава доверба и да презема одговорност.

    Тие процеси веројатно ќе бидат бавни доколку се случат промени. Србија и Бугарија имаат различни внатрешни политички околности. Затоа нивните избори не би ги ставил во една иста матрица само затоа што се одржуваат во ист период. Треба да се следат конкретните програми, коалициски можности и односот на актерите кон регионалната соработка.

    Од македонски аспект, интересот е јасен: стабилни соседи, економска поврзаност и почитување на нашиот идентитет и државност. Секој политички развој што го проширува просторот за таква соработка заслужува внимание.

    Јас одамна сметам дека Македонија треба да гради рамноправни и еднакви односи со сите свои соседи. Нашата географија бара сериозна дипломатија во повеќе насоки. Не смееме да ја сведеме регионалната политика на навивање за туѓи партии или на лични симпатии кон еден лидер или спротивна платформа.

    ПРЕС24: Неколку пати јавно зборувате за идентитетите на балканските држави, каде македонскиот идентитет има улога во градењето на идентитети на други држави? Мислите ли дека македонското општество има капацитет да го разбере тоа?

    ДИМОВСКИ: Мислам дека има капацитет, ако за ова се зборува сериозно и разбирливо.
    Проблемот е што сложените историски процеси често ги сведуваме на денешни партиски расправии. Така се губи и историската содржина и можноста нешто да се научи. На Балканот постојат заеднички културни, јазични и семејни корени, а модерните национални идентитети се оформувале низ различни државни, црковни и образовни процеси. Луѓе со потекло од Македонија учествувале во животот и во градењето на различни соседни општества. Денес нивните потомци можат да имаат различно национално самочувство. Тоа не ги брише врските, но не ни дава право на секој човек однапред да му одредиме што е.

    Кога зборувам за македонското присуство во тие процеси, сакам да се отвори простор за подлабоко разбирање на сопствената историја. Заедничките корени не ја поништуваат македонската посебност. Ниту современиот идентитет може механички да се пренесе врз секоја држава, верска заедница или политичка ознака од пред илјада години.

    Затоа инсистирам на критичко читање на изворите. И византиските автори оддамна пишувале од определена политичка и културна позиција, така и денес грчките или бугарските автори пишуваат низ субјективни оквири. Нивните ознаки треба да се истражуваат, споредуваат и толкуваат, а не да се користат како готови одговори на сите денешни и минати национални прашања.

    Имам проблем и со нееднаквите правила: кога на другите народи им се признава право на историска меморија и културни преданија, а кај нас истото однапред се прогласува за недозволиво. Научниот факт треба да се докажува. Културната меморија треба да се разбира. Политиката треба да покаже зрелост за двете, без да ја претвора историјата во средство за понижување на соседот.

    Македонските луѓе денес ги има во различни форми и појавни идентитети, но има една константа која не се брише лесно, дури и сама се ресоздава. Културата, јазикот, ората, песните и преданијата се исти и во мојот Велес, мајчиниот Охрид, Берово, Битола, но и во Горна Џумаја, Неврокооп, Воден, Пожар, Драгаш, Крушаре пазарско и Девол, дури и во Измир. Сум бил секаде, на свадбите се пејат истите песни и се сака Македонија подеднакво.

    ПРЕС24: Но има еден парадокс во тоа. Ако македонскиот идентитет е дел од грчкиот, бугарскиот, тогаш тој дел од тој идентитет, тие луѓе би требало да бидат мост за добрососедство и мост на блискост, во реалноста тој идентитет сепак е сосема спротивно, извор на конфликти?

    ДИМОВСКИ: Парадоксот постои затоа што човечката блискост и државните политики не се движат секогаш во иста насока. Она што меѓу луѓето создава препознавање, во политиката понекогаш се користи како аргумент за присвојување.

    Во писмото до Христо Христов се обидов токму тоа да го објаснам. Можеме да препознаваме блиски песни, обичаи, семејни приказни и историски искуства, а денес да имаме различно национално самочувство заради интересите на други држави.

    Пријателството бара да ја почитуваме таа разлика. Болно е на човек овде да му кажувате дека мора да биде Бугарин или Грк, како што е неправедно и ние нему таму да му го оспоруваме чувството што го има колку и нам тоа да не ни се допаѓа. Но треба да подадеме рака и да не судиме.

    Во Пиринска и Егејска Македонија гледам многу силни културни и човечки врски со нас. Низ историјата тие простори живееле во различни државни, образовни, црковни и политички системи. Последиците од тоа не можат да се избришат со една реченица, ниту сите луѓе можат да се стават во една задолжителна национална категорија.

    За тие врски навистина да станат основа за добрососедство, мора да исчезне претензијата дека блискоста на едниот му дава право да го дефинира другиот. Потоа се отвора многу простор: за култура, научна соработка, семејни контакти и обичен човечки однос.

    Ако нешто може да се ословува како прва и основна стратешка цел на Македонија, тоа треба да е токму создавањето на еден македонски културен простор во рамките на европските политики и процеси на регионална соработка. Тоа мора да е наша амбиција и цел.

    ПРЕС24: Каква е улогата на црковниот идентитет во градењето на современиот
    македонски идентитет?


    ДИМОВСКИ: Многу значајна, бидејќи во долг историски период црковната организација била една од ретките трајни институционални рамки преку кои населението го организирало духовниот, образовниот и културниот живот. Современата држава има универзитети, академии, училишта, архиви и други институции. Во претходните векови голем дел од тие функции биле поврзани со црквата.

    Охридската архиепископија ја гледам како еден од клучните носители на нашиот историски континуитет и посебност. Затоа нејзиното укинување во 1767 година за мене е многу повеќе од промена во црковната управа. Со него е изгубен сопствен институционален центар, а последиците од тоа особено се чувствуваат во XIX век, кога на Балканот се развиваат модерните национални движења и пропаганди.

    Моето толкување е дека трагичните исходи за Македонија од почетокот на XX век треба да се разгледуваат и низ тој претходен институционален прекин. Тоа не значи дека еден настан ја објаснува целата историја, но значи дека прашањето за сопствените институции има многу подлабоки корени отколку што обично разговараме.

    Од таа перспектива ја разбирам и МПЦ ОА. Таа произлегува од историското искуство и од духовниот живот на сопствениот македонски народ. Автокефалноста не ја доживувам како милост што некој друг ни ја подарува. Бараме таа да биде прифатена и признаена, со достоинство и рамноправност, а никако конституирана од било кој друг центар.

    Со сите сестрински цркви треба да градиме духовно заедништво без патронски односи, преименување или потчинување.

    Во исто време, признавањето на историската улога на црквата не значи дека верската припадност е услов за денешниот македонски идентитет. Македонското општество е пошироко и мора да има простор за секој човек. Наши се и Македонците во дебарско, Гора, спомнав и Измир и улогата на МПЦ-ОА не смее да ги алиенира нив од едното заедничко национално стебло.

    ПРЕС24: Две години од новата влада, од партијата на која и Вие и припаѓате, генерално нема големи опипливи резултати. На што се должи тоа?

    ДИМОВСКИ: Не би ја прифатил целата оценка во една реченица. Билансот на една влада треба да се разгледува по области, со конкретни резултати и со конкретни слабости. Партиската припадност не треба да нè ослободи од обврската да гледаме објективно.

    Наследените проблеми се важни за да се разбере почетната состојба. Големата политичка поддршка создава големи очекувања за чија реализација секако треба доволно време.

    Јас резултатите би ги мерел преку функционалноста на институциите, квалитетот на услугите и економската перспектива.

    На државата ѝ треба претприемаштво, инвестиции, индустрија, енергетика и технолошки развој. Не можеме постојано да се жалиме дека сме неразвиени, а на секој нов капацитет да гледаме првенствено како на нешто што треба да се запре. Проектите треба да исполнуваат јасни услови, а институциите да бидат способни навремено да одлучуваат. На Македонија и требаат силни и крупни инвестиции за кои оваа Влада има превземено обврски и активности. Успехот на тие инвестиции ќе значи и успех на оваа Влада, но и на нашата држава.

    И за јавните услуги треба да разговараме попрактично. Јас предложив за дел од несуштинските јавни дејности да се разгледаат јавно-приватни партнерства, со прецизни услови, рокови и силна конкуренција. На граѓанинот му е важно услугата да биде достапна и квалитетна, а одговорноста јасна. Претприемаштвото и конкурентноста создаваат квалитет, застојаноста на администрацијата природно создава незадоволство кај граѓаните.

    Власта ќе ја задржи довербата ако покаже дека знае да ги претвори приоритетите во видливи резултати. Тоа треба да биде главната мерка и за поддршката и за критиката.

    Охрабруваат резултатите поврзани со порастот на БДП, ниското ниво на инфлација, инфраструктурните големи проекти, најавените крупни инвестиции во енергетиката, но и проектните градби низ повеќе градови во внатрешноста. Сепак би бил повеќе оптимистичен
    за резултатите на оваа Влада од тезите во вашето прашање.

    ПРЕС24: И испитувањето на јавното мислење покажува дека опозициското расположение расте, но од друга страна тоа не се канализира во еден опозициски
    блок. Дали тајната за сегашната голема доверба во власта е во големата недоверба
    кон СДСМ?


    ДИМОВСКИ: Тоа може да биде еден дел од објаснувањето, но би бил внимателен сè да се сведе на една причина. За прецизен заклучок треба да ја видиме конкретната анкета, прашањата што се поставени и движењето на резултатите низ времето.

    Незадоволството од власта, довербата во опозицијата и намерата да се гласа за одредена партија се различни нешта. Еден граѓанин може да биде незадоволен од неколку владини политики, а истовремено да не верува дека СДСМ би управувал подобро.

    СДСМ треба да одговори зошто граѓаните повторно би му дале доверба. За тоа се потребни кредибилни луѓе, јасни политики и чесен однос кон сопствените претходни одлуки.

    Промената на реториката сама по себе тешко може да го замени тој процес. И поширок опозициски блок бара содржина. Неговите учесници треба да објаснат околу што се согласуваат, како би управувале и како би ги решавале меѓусебните разлики.

    Заедничкото противење на власта е почетна позиција, но не е доволна програма за државата.

    Дополнително, целосниот нихилизам и противење на сите возможни развојни проекти и инвестиции кај мене содава впечаток дека опозицијата се уште не е зрела на ниво да може
    да превземе било какви државни обврски.

    За власта, пак, би било погрешно слабоста на СДСМ да се доживее како трајна гаранција. Политичката доверба се менува. Затоа сопственото работење мора да остане главната основа врз која власта ја бара поддршката.

    ПРЕС24: Како ја оценувате платформата 12.05?

    ДИМОВСКИ: Ја гледам како показател дека во СДСМ и околу него постои отворено прашање за политичкиот правец, раководството и начинот на кој партијата треба да ја обнови довербата.

    Самото појавување на таква иницијатива заслужува анализа, но не е доволно однапред да се прогласи ни за решение, ни за неуспех.

    Според јавно кажаното, учесниците бараат структурни промени и пошироко опозициско поврзување, а негираат дека формираат нова партија. Сега треба да се види каква
    политичка содржина ќе стои зад тие определби.

    За мене главното прашање е што предлагаат да се промени. Каков е нивниот став за економијата, институциите и националните прашања? Кои претходни политики ги сметаат за погрешни? Како ја објаснуваат сопствената улога во периодот кога дел од тие одлуки биле носени? Барањето одговорност од актуелното раководство ќе биде поубедливо ако е придружено и со подвлекување на одговорноста за конкретните политички грешки од минатото.

    Прочитај повеќе

    Селин Анил Октај: Diamond Mall не е само место каде што се купува, туку место каде што луѓето сакаат да поминуваат време

    13.10.2026 во 13:20

    BALFIN Group: Поглед подалеку од актуелните пазари

    24.09.2026 во 15:06
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.