„АЛТА банка“ АД Битола продолжува да работи и нејзините клиенти не ги губат средствата на своите сметки, и покрај воведувањето привремена администрација од страна на Народната банка. Одлуката е донесена поради случувањата поврзани со нејзиниот сопственик, „Алта банка“ АД Белград, а целта е да се заштитат штедачите и да се обезбеди стабилно работење до разрешување на сопственичката состојба.
Од Народната банка нагласуваат дека оваа мерка не значи затворање на банката, ниту отворање стечајна постапка или одземање на дозволата за работа. Според институцијата, банката е ликвидна, има висока капитализираност и солиден квалитет на кредитното портфолио, а нејзиното работење е под непосреден супервизорски надзор.
Во периодот на привремената администрација, управувањето со банката ќе го вршат лица именувани од Народната банка. Истовремено, воведени се ограничувања во располагањето со средствата, со цел да се спречи нагло повлекување на ликвидноста.
За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку банкарски картички, за подигнување готовина и плаќања кај трговци. Сепак, внатрешните трансакции кон сметки на други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени.
За правните лица се дозволени неограничени внатрешни плаќања кон други сметки во банката, но привремено не се дозволени трансфери на средства надвор од банката преку домашните платни системи, ниту повлекување готовина од банкомати и шалтери.
Ограничувања има и кај меѓународните трансакции. Приливите од странство преку СЕПА и кореспондентното банкарство ќе се реализираат непречено, додека одливните плаќања кон странство привремено нема да бидат достапни ниту за физичките, ниту за правните лица.
Од Народната банка посочуваат дека кредитокорисниците треба редовно да ги исполнуваат своите обврски кон банката. Воедно, штедните влогови на физичките лица остануваат осигурени преку Фондот за осигурување депозити до 30.000 евра, согласно законските прописи.
Народната банка најавува дека постојано ќе ја следи состојбата и ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од развојот на настаните. За сите евентуални промени јавноста ќе биде информирана преку официјалните канали.
Од институцијата апелираат граѓаните да се информираат од официјални извори и да не носат одлуки врз основа на непроверени информации, нагласувајќи дека масовното и непотребно повлекување средства не е во интерес на штедачите.

