Претседателката Гордана Силјановска-Давкова не прифаќа одговорност за работењето на Народната банка и гувернерот Трајко Славески, нагласувајќи на денешната надзорна расправа за случајот со „АЛТА банка“ Битола пред собраниската Комисија за финансирање и буџет дека уставното право да предлага кандидат за гувернер не значи и обврска да го контролира неговото работење.
Сведочењето на претседателката беше проследено со полемики меѓу пратениците од власта и опозицијата за уставните надлежности, при што Силјановска-Давкова оцени дека е невообичаено на надзорна расправа да се отвора прашањето за интерпелација на гувернерот, додавајќи дека интерпелацијата е инструмент за контрола на министрите.
На прашањата од пратеничката на НСДП, Соња Мираковска, за критериумите при изборот на Славески и можните политички влијанија, претседателката категорично ги отфрли тврдењата за притисок, наведувајќи дека одлуката ја донела самостојно по консултации со академската заедница, поранешни гувернери и стручната јавност, како и дека Агенцијата за разузнавање е самостојна и насочена кон надворешно разузнавање, па нема надлежност за капиталот на банката.
Во расправата реагираше и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, порачувајќи дека претседателката не може да се однесува како тутор над Собранието, додека координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се извини за односот на опозицијата, а Силјановска-Давкова на крајот истакна дека целта на парламентарниот надзор треба да биде зачувување на довербата на граѓаните во институциите.

