Зголемување на месечната поддршка за субвенциониран студентски оброк од 3.500 на 4.500 денари и користење на средствата преку дигитална услуга најави премиерот Христијан Мицкоски.
Според предлогот, кој сè уште не е официјално воведен, во рамки на апликацијата „М.услуги“ би се вовела посебна услуга преку која студентите би купувале храна и пијалаци во вклучени ресторани, маркети и млечни ресторани, без можност за набавка на други производи.
Мицкоски најави дека системот би вклучувал и вештачка интелигенција за контрола на наменското трошење на средствата, а Владата планира и преговори со трговците за дополнителни попусти за студентите кои би важеле и по трошењето на месечниот износ.
Моделот веќе бил презентиран на средба со претставници на студентските парламенти, од кои Владата очекува одговор, па неговата имплементација ќе зависи од договорот со студентите и техничката подготовка на системот.

