Судењето за Раде Трајковски–Штекли и уште неколкумина обвинети за организирана набавка и продажба на дрога беше одложено, откако Трајковски пред почетокот на денешната расправа доби епилептичен напад. Екипа на Брза помош интервенираше, а лекарите пред судот наведоа дека по прегледот бил контактибилен, но дезориентиран – состојба што е вообичаена по ваков напад. Трајковски одбил да прими терапија, образложувајќи дека зема друга терапија во затвор.
Судијата Илија Трпков реши обвинетиот да биде префрлен во друга просторија, додека расправата привремено да продолжи со вкрстени прашања на одбраната. По барање на адвокатот Сашко Дуковски, сепак, рочиштето беше одложено. „На Раде Трајковски дијагностицирана му е епилепсија од 2017 година… Обвинетиот вчера беше прегледан и му е дадена терапија од психијатар, со оглед на суицидални идеи… Не може да биде нарушување на ред одбивање дијазепам од десет милиграми. Јас не можам по ова денеска да вршам испрашување и вкрстени прашања,“ изјави Дуковски.
Судијата Трпков порача дека судот ќе води сметка за ефикасноста на постапката, но и за здравствената состојба и правата на сите обвинети: „Во овој предмет не е само Раде Трајковски. Тука има и други обвинети. Со цел денеска да бидеме практични, главната расправа се одложува за 9 октомври. Но, ве уверувам дека сите обиди за одолговлекување ќе бидат санкционирани,“ рече тој.
Одбраната доставила вештачење според кое Трајковски страда од растројство со шизофрени карактеристики, има халуцинации и параноидни идеи и не е способен да ја следи постапката. Обвинителството, пак, има свое психијатриско вештачење дека обвинетиот е процесно способен; денеска требаше да продолжи испрашувањето на вештакот на Обвинителството.
Предметот сега опфаќа вкупно 10 лица. Првично беа обвинети 16, од кои седум склучија спогодби и добија казни од три до три и пол години затвор. Според обвинението, групата делувала организирано со јасно распределени улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана