Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека запира дотокот на нафта од Венецуела кон Куба и ги повика кубанските власти итно да склучат договор со САД „пред да биде предоцна“.
Во објава на својот профил на „Truth Social“, Трамп истакна дека Куба со години опстанувала благодарение на нафтата и парите од Венецуела, обезбедувајќи за возврат „безбедносни услуги“ за венецуелските диктатори. Трамп наведе дека повеќето Кубанци кои го обезбедувале Николас Мадуро биле убиени во рација на американските сили минатата недела, при што Мадуро бил уапсен.
„Венецуела сега ги има САД, убедливо најмоќната војска во светот, да ги заштити… Крај на нафтата, крај на парите за Куба – ништо! Силно препорачувам да склучат договор пред да биде предоцна“, напиша Трамп.
Од друга страна, ЦИА проценува дека иако економската ситуација во Куба е сериозна, земјата не е нужно „блиску до колапс“ како што тврди Трамп. Сепак, извештаите потврдуваат дека клучните сектори како туризмот и земјоделството страдаат, а прекините на струја надвор од Хавана траат и до 20 часа дневно. Дополнителен проблем е масовното иселување на младите, при што населението е паднато под девет милиони.

