Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска испрати силна порака до иранскиот народ, изјавувајќи дека двете земји повторно ќе станат партнери штом ќе падне актуелниот режим во Техеран.

„Им испраќаме сила на херојските и храбри граѓани на Иран, а кога режимот ќе падне, заедно ќе правиме добри работи во корист на двата народа“, рече Нетанјаху на почетокот на денешниот владин состанок.

Тој ја истакна визијата за идна соработка меѓу двете нации. „И кога ќе дојде тој ден, Израел и Иран повторно ќе станат верни партнери во градењето иднина на просперитет и мир“, порача израелскиот премиер.

Оваа изјава доаѓа во време на масовни протести во Иран кои започнаа на 28 декември поради економската криза. Според организациите за човекови права, досега се убиени најмалку 192 лица во обидите за насилно задушување на демонстрациите. Само во текот на изминатата ноќ и утрово се одржале над 570 протести во 31 провинција.

Во меѓувреме, Израел е во состојба на висока готовност за можна американска интервенција. Претседателот на иранскиот парламент веќе се закани дека доколку САД ја нападнат земјата, Иран ќе возврати со напади врз Израел и американските цели во регионот.

Exit mobile version