Среде актуелните политичко-финансиски прашања, од СДСМ излегоа со сериозни обвинувања дека доцни исплатата на платите во повеќе државни институции, меѓу кои и во АД ЕСМ, додека општините се соочуваат со проблеми во реализацијата на плаќањата преку Трезорот.
Според информациите што ги споделуваат од опозициската партија, дел од вработените во најголемата државна енергетска компанија ЕСМ реагираат дека ваква ситуација досега не се случила, имајќи предвид дека платата традиционално ја примале во првите пет дена од месецот.
„Вработените во ЕСМ добиле и СМС-пораки дека сè уште не се знае кога точно ќе биде исплатена октомвриската плата и дека треба да бидат трпеливи. Дополнително, од општини пристигнуваат реакции дека преку Трезорот не можат да реализираат плаќања“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ отворено прашуваат дали државната каса е до толку испразнета што институциите не можат да ги сервисираат ниту редовните законски обврски. Тие потсетуваат дека со месеци предупредуваат за состојбата со буџетот, нагласувајќи дека фискалната стабилност е доведена во прашање.
„Дупката во буџетот е околу 900 милиони евра, јавниот долг неконтролирано расте. Мицкоски и ВМРО ги доведоа државните финансии во сериозна опасност, со криминалните политики создадоа нов долг од 4 милијарди евра за две години и до крај на година ќе биде и над 60% од БДП“, обвинуваат од партијата.
Од опозицијата додаваат дека токму поради ваквата финансиска состојба се носеле нови ребаланси и се правеле задолжувања, што според нив резултира со недостиг на средства за редовни потреби, минимални плати и поддршка за земјоделците.

