Министерството за образование и наука објави нов Конкурс за доделување 3.000 студентски стипендии за студиската 2026/2027 година, со кој се воведува нов модел на распределба на државната поддршка.
Според соопштението од МОН, и покрај воведувањето на нови категории, вкупниот број на стипендии останува непроменет – 3.000. Новиот концепт ги дели стипендиите во три основни категории.
Во рамки на категоријата за социјална поддршка се доделуваат 1.200 стипендии, при што за првпат се воведуваат посебни стипендии за студенти со попреченост (50 стипендии) и студенти со ретки болести (50 стипендии).
Новина е воведувањето на 1.050 стратешки стипендии за студенти запишани на студиски програми од посебно значење за државата, утврдени од Националниот совет за високо образование – математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство. Третата категорија опфаќа 750 стипендии за студенти со висок академски успех и просек од најмалку 8,50.
За стратешките стипендии месечниот износ изнесува 18.000 денари, додека за социјалните стипендии и за оние за висок академски успех изнесува 6.050 денари, а се исплаќаат девет месеци во годината.
Пријавувањето се врши исклучително електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk во периодот од 6 до 20 ноември 2026 година. Од МОН исто така известуваат дека во тек е и пријавувањето за 15 стипендии за студии по македонски јазик, како и конкурсот за поврат на средства за купен музички инструмент.

