Повторени пријави за поставени експлозивни направи предизвикаа нова безбедносна интервенција на меѓународниот аеродром „Вацлав Хавел“ во Прага.
Чешката полиција денеска изврши детални проверки на девет летови, при што на терен беа ангажирани пиротехнички екипи и специјално обучени кучиња.
Лажните закани се однесуваа на авиони што пристигнувале од Велика Британија, Шпанија и Данска, како и на летови кои требало да полетаат од Прага кон Холандија, Романија, Италија, Велика Британија и Кипар.
„Денес беше повторена заканата дека голем број авиони што полетуваат од или слетуваат на аеродромот во Прага биле поставени со експлозиви. Во соработка со аеродромот во Прага, ги презедовме потребните безбедносни мерки со минимално нарушување на нормалното работење на аеродромот“, соопшти чешката полиција.
Портпаролката на аеродромот, Дениса Хејтманкова, за чешката новинска агенција ЧТК потврди дека заканите опфатиле четири авиони кои слетувале во Прага и пет авиони подготвени за полетување.
Ова е втора ваква безбедносна интервенција во чешката престолнина за краток период. Во четвртокот полициските екипи проверуваа авиони на четири летови од Даблин, Глазгов, Атина и Њукасл, како и делови од терминалите, во рамки на тогашните закани за вкупно 21 лет низ Европа.

