Израелската полиција денеска соопшти дека привела висок функционер од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, поради сомнеж за попречување на текот на истрага, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Според весникот, станува збор за шефот на кабинетот на израелскиот премиер, Цахи Браверман, кој бил приведен и однесен на распит поради сомнежи дека се обидел да ја попречи истрагата поврзана со оддавање доверливи разузнавачки информации на германскиот весник „Билд“.
Истражители од елитната полициска единица за тешки кривични дела „Лахав 433“ утрово извршиле претрес во домот на Браверман, по што тој бил приведен и однесен на испрашување во седиштето на единицата во градот Лод, под сомнеж за попречување на правдата.
Приведувањето следува по тврдењата на поранешниот портпарол на Нетанјаху, Ели Фелдштајн, кој е обвинет во случајот. Тој навел дека Браверман знаел за тајната истрага за протекувањето информации со месеци пред таа да стане јавна и дека го уверувал дека ќе може да ја запре истрагата.
Во претходно интервју за телевизијата Канал 12, Фелдштајн изјави дека Браверман побарал да се сретнат доцна навечер во подземен паркинг во воениот штаб „Кирија“, каде што го информирал дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) започнале истрага за протекување доверливи информации.
Цахи Браверман, инаку, во наредните месеци треба да ја преземе функцијата амбасадор на Израел во Обединетото Кралство.

