По пауза од 15 години, Македонија повторно ќе биде предмет на евалуација од експертите на Обединетите нации во областа на борбата против тероризмот. Петдневната посета во Скопје треба да даде оценка за досегашните резултати на институциите, но и да ги посочи слабостите и областите во кои се потребни дополнителни мерки.
Посетата денеска ја отвори министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со делегација на Извршната дирекција на Комитетот за борба против тероризмот при Советот за безбедност на ОН (CTED), предводена од заменик-директорката Кармен Кантор.
Во фокусот на евалуацијата ќе бидат националните механизми за спречување и сузбивање на тероризмот, безбедноста на границите, спречувањето на финансирањето терористички активности, како и мерките за спречување на радикализацијата.
Тошковски посочи дека тероризмот и насилниот екстремизам постојано ги менуваат своите форми, поради што е неопходно континуирано унапредување на институционалните капацитети, координацијата и размената на информации.
Меѓу најавените приоритети се ревидирање на Националната стратегија за борба против тероризмот, формирање специјализирана единица за следење и сузбивање на терористички содржини на интернет, како и зајакнување на подготвеноста за справување со хибридни закани и заштита на критичната инфраструктура.
Според министерот, евалуацијата претставува можност да се утврди постигнатиот напредок, но и да се идентификуваат предизвиците со кои институциите ќе треба дополнително да се справуваат.

