Пратеничката Благица Ласовска, потпретседателка на ПАБСЕК и шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка, учествуваше на 68. седница на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК, што денеска се одржува во Тбилиси, Грузија.

Во својство на известувач, Ласовска пред членовите на Комисијата го презентирала нацрт-извештајот „Парламентарна поддршка за иновациите: законодавни пристапи за унапредување на науката и технологијата во Регионот на Црното Море“.
При презентацијата, како што информираат од собраниската прес-служба, таа се осврнала на главните наоди и насоки во извештајот, кој ги разгледува можностите земјите од регионот подобро да ги поврзат науката, технологијата и претприемништвото со одржливиот економски развој.
Ласовска истакна дека способноста за создавање знаење и негово претворање во практични решенија, производи и услуги е сè поважна за конкурентноста, економската отпорност и благосостојбата на граѓаните.

Ефикасниот иновациски систем, според извештајот, се темели на соработка меѓу државните институции, универзитетите, истражувачките центри, стопанството и финансиските институции.
Во извештајот се посочуваат предизвиците со кои се соочуваат земјите членки на ПАБСЕК, меѓу кои се разликите во капацитетите за истражување, финансирањето, инфраструктурата и учеството во меѓународни програми.
Посебно внимание, како што се наведува во соопштението, е посветено на потребата научните резултати полесно да стигнат до примена во стопанството, како и на условите за иновативните претпријатија да обезбедат инвестиции, да се развиваат и да пристапат до меѓународните пазари.
Ласовска укажала и на значењето на човечкиот капитал за развојот на иновациите.
Во собраниското соопштение се посочува дека поддршката за младите истражувачи, унапредувањето на професионалните можности, мобилноста меѓу академската заедница и стопанството и соработката со научната дијаспора се важни за задржување и развој на стручниот кадар во регионот.
Во делот посветен на парламентарната улога, извештајот ја истакнува потребата од усогласена и предвидлива законска рамка за истражувањето, високото образование, интелектуалната сопственост, инвестициите, јавните набавки, заштитата на податоците и новите технологии.
Парламентите имаат важна улога и преку надзор над спроведувањето на националните стратегии, редовно известување и користење независни научни совети при подготовката на политики и законски решенија.
Во извештајот се нагласува дека предизвиците во науката и технологијата не можат целосно да се решаваат само на национално ниво. Регионалната соработка може да овозможи заеднички истражувачки програми, размена на знаења, мобилност на истражувачите и поширок пристап до научна инфраструктура и специјализирана опрема. Во тој контекст, ПАБСЕК може да придонесе преку парламентарниот дијалог, размената на искуства и поттикнувањето соработка меѓу земјите членки.
По презентацијата, членовите на Комисијата расправале за извештајот и за можностите за унапредување на законодавните пристапи и соработката во Регионот на Црното Море и истиот бил усвоен. Комисијата ја определила Ласовска како известувач на 68. Генерално собрание на ПАБСЕК што ќе се одржи од 23 до 25 ноември во Атина.

